X
 26.08.2019 Образование

Инспекторот Илиевски денеска однесе нови документи во Антикорупциска, вели дека случајот со тројцата функционери се политизира

Илиевски на новинарите им покажа и преписки од СМС-пораки за кои вели дека се со премиерот Зоран Заев

Инспекторот Ѓорѓи Илиевски денеска поднесе нова пријава до Државната комисија за спречување на корупцијата за случајот со наводното незаконско унапредување во наставно-научни звања на тројцата функционери Арбер Адеми, Агим Нухиу и Сафет Емрули.

Тој ги информира антикорупционерите дека незаконски е направен вонредниот инспекциски надзор на тетовскиот универзитет што го направија инспектори на Државниот просветен инспекторат.


Илиевски пред просториите на Антикорупциска

- Сакам да ги информирам за незаконскиот вонреден инспекциски надзор на Тетовски од страна на други инспектори, а по барање на министерот за образование и наука. Исто така, ќе ги информирам и за решенијата на второстепената комисија со кои ги укинаа моите, а при која не е почитуван законот за општа управна постапка, како и нивната противуставна одлука - изјави Илиевски пред просториите на Антикорупциска.

Илиевски вели дека инспекторите при вонредниот инспекциски надзор не констатирале неправилности и се повикуваат на ретроактивно важење на новиот Закон за високо образование од 2018 година. Илиевски на новинарите им покажа и преписки од СМС-пораки за кои вели дека се со премиерот Зоран Заев. Илиевски вели дека премиерот исто така не видел незаконитост при унапредувањата на Тетовски.

- Јас за сето ова го информирав и премиерот Зоран Заев, а тој ми одговори во порака дека унапредувањето е согласно новиот Закон за високо образование од 2018 година и дека нема никакви пречки. Според премиерот, тие биле вработени трајно на универзитетот. Не знам кој го советува премиерот, но асистентите, доцентите и вонредните професори не се вработени трајно, туку тие се на определен рок, затоа и ја имаат таа привилегија за продолжување на роковите по завршувањето на нивниот мандат - изјави Илиевски.


Илиевски на новинарите им ги покажа СМС-преписките со премиерот Заев

Илиевски вели дека случајот е исполитизиран.
- Тука веќе не станува збор за утврдување на законитости, туку се вмеша политиката за да ги заштити функционерите - вели Илиевски.
Подготвил: Милена Атанасоска-Манасиева / milena.atanasoska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование