Дејството на приливот и одливот на долната страна на глечерот Твајтс на Антарктикот ќе го забрза неговото топење во овој век, според новото истражување на британски и американски научници. Истражувачите предупредуваат дека побрзото топење би можело да го дестабилизира целиот леден слој на Западниот Антарктик, што ќе доведе до негов евентуален колапс.
Масивниот глечер, кој е приближно со големина на Флорида, е од особен интерес за научниците поради интензивната брзина со која се менува и влијанието што неговата загуба би го имала врз нивото на морето. (Затоа и го нарекуваат „Судниот ден“). Исто така, дејствува како сидро што го задржува ледениот слој на Западен Антарктик. Со дебелина од повеќе од 2 километри (1,2 милји) на некои места, Твајтс се споредува со тапа од шише. Доколку се стопи, нивото на морето ќе се зголеми за 65 сантиметри (26 инчи). Тоа е значително имајќи предвид дека океаните моментално се зголемуваат за 4,6 милиметри годишно. Но, ако дојде до евентуално губење на целата ледена покривка, нивото на морето би се зголемило за 3,3 метри.
Додека некои компјутерски модели посочуваат дека намалувањето на емисиите на стакленички гасови според Парискиот договор од 2015 година може да го ублажи повлекувањето на глечерот, прогнозите сепак остануваат „мрачни“, според извештајот од проектот на научниците од Британското антарктичко истражување, Националната научна фондација на САД и Советот за истражување на природната средина на Велика Британија.
- Твајтс се повлекува повеќе од 80 години, но тој процес се забрза во изминатите 30. Нашите наоди покажуваат дека е подготвен да се повлече дополнително и побрзо - истакнува Роб Лартер, морски геофизичар.
Со помош на робот во форма на торпедо научниците утврдиле дека долната страна на Твајтс е изолирана со тенок слој ладна вода. Меѓутоа, во областите каде што деловите од глечерот се креваат од морското дно и мразот почнува да лебди, приливот пумпа потопла морска вода, под висок притисок, дури 10 километри (6 милји) под мразот.
Процесот го нарушува тој изолационен слој и веројатно значително ќе го забрза топењето.
Сличен процес е забележан и на глечерите во Гренланд.
Научниците го означила најлошото сценарио во кое се формираат ледени карпи од 100 метри или повисоки на предниот дел на Твајтс, а потоа брзо се отсекуваат од ледените брегови, што може да го подигне нивото на морето за десетици сантиметри во текот на овој век. Сепак, истражувачите велат дека е премногу рано да се знае дали таквите сценарија се веројатни.
Клучното прашање е дали загубата на глечерот Твајтс е неповратна.
- Обилните снежни врнежи, на пример, редовно се случуваат на Антарктикот и помагаат да се надополни загубата на мразот. Сепак, проблемот е што ја имаме оваа нерамнотежа: се случува повеќе загуба на мраз отколку што може да компензираат снежните врнежи - изјави Мишел Мекленан, климатски научник од Универзитетот од Колорадо во Болдер.
Зголемената влага во атмосферата на планетата, предизвикана од глобалното затоплување по испарувањето на океанските води, може да резултира со повеќе снег на Антарктикот - барем за некое време. Во одреден момент се очекува тоа да се префрли на дожд и да дојде до топење на површината на мразот, создавајќи ситуација кога глечерот ќе се топи и одозгора и оддолу. Колку брзо ќе се случи тоа, делумно зависи од напредокот на земјите во насока на забавување на климатските промени.
Извор: phys.org
Фото: Freepik