X
 27.10.2022 Живот

Повторно дојави за бомби добија осум училишта во Скопје

Осум училишта во Скопје и денеска добија дојави за поставени бомби. Околу 14 часот денеска во СВР – Скопје е пријавено дека на е-адреси на осум училишта во Скопје е упатена закана за поставена бомба.

Веднаш по добиената пријава, нагласуваат од МВР, од полициски службеници се преземаат мерки за безбедно евакуирање на училиштата. Во тек се антитерористички проверки и се преземаат мерки за расчистување на случајот, додаваат од МВР.

Дојави за поставени бомби вчера беа упатени преку е-пошта до осум средни скопски училишта, а по акцијата на полицијата, беше утврдено дека се лажни.

– Проверени се осумте училишта на чии е-адреси беа упатени закани за наводно поставени бомби и утврдено е дека пријавите се лажни - информираа вчера од МВР за МИА.
Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски денеска изјави дека истрагата за вчерашните дојави за поставени бомби во осумте скопски средни училишта е во тек.

– Ги знаеме првите податоци за тоа од каде се испратени тие е-пораки и најважно е да успееме да ги откриеме сите ИП-адреси од каде доаѓа овој монструозен чин, без разлика дали станува збор за хибриден напад врз Македонија или политички игри, како една од претпоставките - изјави денеска министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски.

Тој додаде дека без разлика на што се однесува, никој не смее да дозволи да си игра со судбините на децата и на сите нас.

- Ова е сензитивна тема и сметам дека без разлика кој го нарачува сето ова, треба да има на ум дека не може да се игра со системот и со граѓаните на Македонија - порача министерот Спасовски утрово.

Извор: МИА

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот