НАСА ги повикува иноваторите да се справат со високите трошоци на лунарните мисии со преиспитување за тоа како би се управувал отпадот.
За да одговори на овој предизвик, агенцијата го лансира предизвикот наречен „Лунарисајкл чаленџ“ вреден 3 милиони долари, за да го претвори цврстиот отпад во употребливи производи за идните мисии за истражување на Месечината и на Марс.
Астронаутите ќе мора да искористат сè што ќе понесат со себе, дури и нивното ѓубре, нагласи НАСА во промотивното видео. Фокусот ќе биде ставен на цврстиот отпад кој не е гасовит, небиолошки и неметаболички, како што се пакувања, ткаенини и структурни материјали.
Фази и награди
Првата фаза од натпреварот со награден фонд од еден милион долари има две потфази:
- Дигитален близнак: натпреварувачите создаваат виртуелни симулации на нивните технологии;
- Изработка на прототип: тимовите го развиваат физичкиот дизајн на системот за рециклирање.
Секоја потфаза дозволува осум победници, со награди „Дигитал твин“ од 50.000 долари и награди за прототип од 75.000 долари. Втората фаза ќе зависи од ветувачките резултати од првата фаза и има награден фонд од 2 милиона долари поделен помеѓу потфазите.
Натпреварувачите што ќе учествуваат во предизвиците ги задржуваат правата на интелектуална сопственост над нивните изработки. Сите трговски тајни, авторски права, права на патенти и софтверски права ќе останат кај секој тим, пишува на официјалната веб-страница на НАСА додадена на споменатиот предизвик.
Додека НАСА се подготвува да воспостави човечко присуство на и околу Месечината, намалувањето, повторното користење и рециклирањето ќе станат универзален модел, соопштуваат од НАСА.
Доколку бидат успешни, овие техники би можеле да ги намалат трошоците за мисиите на Марс, каде што испораката на килограм стока чини околу 900.000 евра, според д-р Ибрахим Гувен од Универзитетот на Вирџинија Комонвелт.
Уписите за предизвикот ќе бидат отворени на 25 ноември.
Извор:
Daily Mail
Фото: NASA