Премиерот Димитар Ковачевски, денеска го презентираше деветтиот пакет антикризни мерки, кој е во вредност од 662 милиони евра.
Тој соопшти дека над 105 илјади ученици во основното образование и средношколците во наредните 6 месеци ќе добиваат по 1.200 денари, односно 1.800 денари месечно, за што од буџетот за оваа финансиска поддршка ќе се издвојат вкупно 14,3 милиони евра.
15.000 студенти кои живеат надвор од местото на студирање, ќе добијат ваучер за превоз. Студентите во наредните 7 месеци месечно ќе добиваат ваучери во износ од 600 до 1.200 денари, за што се предвидени 2 милиони евра.
Во наредните 5 месеци по 2.000 денари месечно ќе добиваат корисниците на надоместок заради попреченост, за самохрани родители – корисници на гарантирана минимална помош и за родители на деца со попреченост до 26 години. Со оваа мерка се опфатени 16.741 граѓани, со вкупна буџетска поддршка од 2,7 милиони евра.
Предвидена е помош и за пензионерите, па така, во наредните 5 месеци пензионерите со пензија до 14.000 денари ќе добиваат по 3.000 денари месечно, оние со пензија од 14.000 до 16.000 денари 2.000 денари, додека, пензионерите со примања од 16.000 до 19.000 денари во следните 5 месеци, ќе имаат поддршка од 1.500 денари. За оваа поддршка се предвидени 35 милиони евра и се опфатени над 187.000 пензионери.
Следната мерка е за земјоделците. Со новиот пакет е предвидена авансна исплата на субвенции преку ИПАРД програмата, и тоа за 40.000 земјоделци кои имаат посеви со полјоделски и градинарски култури, лозови и овошни насади и кои се занимаваат со сточарството. За оваа мерка предвидени се 8,1 милиони евра.
Преку Програмата за енергетска сиромаштија, предвидени се 1 милион евра за финансиска поддршка на над 5.000 семејства.
Предвидени се 1,1 милиони евра за околу 2.250 корисници, за финансиска поддршка на домаќинствата за инвестиции во обновливи извори на енергија и енергетска ефикасност. Поточно, поддршката за фотонапонски панели е до максимум 80.000 денари, до максимум 15.000 денари за соларни системи и до максимум 25.000 денари за инсталација на ПВЦ.
Ковачевски истакна дека продолжува и мерката за субвенционирање на струјата, со што има 90% субвенционирање на цената на струјата! Субвенционирана цена на електричната енергија е предвидена за 611.000 домаќинства и 68.000 мали потрошувачи, за што проценката е дека ќе бидат потребни 35 милиони евра.
Премиерот соопшти и дека се субвенционира цената на топлинската енергија. Парното за домаќинствата и компаниите, за 63.000 корисници во Скопје и оваа зима ќе биде субвенционирано, за што проценета е импликација од 7,4 милиони евра.
Ќе продолжи и финансиската поддршка за сметките за струја за домаќинства со ниски приходи - корисници на ГМП и социјална пензија, за кои поддршката изнесува 1.200 денари месечно во наредните 6 месеци. Со оваа мерка се опфатени над 50.000 корисници со вкупен износ од 5,9 милиони евра.
Целото соопштение можете да го прочитате
ТУКА.