X
 24.11.2015 Образование

Учениците се преморени, дремат на часовите

Наместо енергични, полни со елан и желба за учење, наставниците с` почесто во клупите работат со полузаспани и преморени ученици кои едвај ги држат очите отворени. Ова според нив е с` почеста слика, посебно во одделенска настава бидејќи децата се преморени од воннаставните активности, најчесто најразлични приватни курсеви кои се пред сè амбиции на родителите, а не на децата. Но, исто така објаснуваат дека во последните години има многу нови предмети, обемни материјали и зголемен фонд на часови по многу предмети.



Курс по англиски, германски, пливање, карате, тенис, глума, танц, играорна….Денес децата, како никогаш досега имаат безброј можности, со стручни лица да го развиваат талентот и знаењето, но прашањата кои заслужуваат одговор се до каде се можностите и капацитетите на едно дете и кога родителите треба да ги ограничат активностите?

- Го прашувам еден ученик од петто одделение, зошто дреме на часот и воопшто не ме слуша што му зборувам. Ми одговори дека му се спие и дека не може да разбере што му зборувам. Кога ги прашав родителите што се случува ми рекоа дека претходниот ден после часови бил на пливање, а вечерта и на курс по германски јазик, па затоа му се спиело. Тие не гледаат проблем во тоа што детето нема сила за на училиште, битно им е да оди на разноразни курсеви. Ова не е единствено дете, за жал сè почесто имам вакви случаи. Убаво е да се следат и други активности, училишните обрвски не треба да се единствена окупација на детето, но мора ли да се оди и на курс по англиски, германски, карате, одбојка и што уште не. Децата преморени доаѓаат во школо- вели наставничката Вера Ангелова.

Психолозите велат дека родителите мора да обрнат внимание на овие ситуации и да проценат кога на децата им е доволно од дополнителни ангажмани.

- Во одделенска и предметна настава ретко има ден без шест седум часа. Некои денови имаме дополнителни часови. Многу ученици потоа одат на курсеви и нормално дека ќе дојдат уморни на настава следниот ден. Задача на родителите е да ги поттикнуваат децата да развиваат некој талент и тоа е секако пожелно, но не да се оди на повеќе од два курса неделно. Убаво е еден од нив да биде поврзан со физичка активност. Но, неделно да се оди на четири, па и пет различни настани не е добро, само ќе развие негативни чувства кон тие курсеви, а и училиштето. Нема да може да постигне добри резултати никаде – вели училиштен психолог од Аеродром.

Педагогот Убавка Бутлеска, пак вели дека децата од градска и селска средина имаат различен тип на преоптовареност кога се во прашање дополнителните активности. Таа работи во селска средина и вели дека децата, напротив не само што не се ангажирани со разноразни курсеви и часови, туку им недостасуваат.

- Но, во Прилеп каде живеам функционира слично како во Скопје. И јас моите деца ги испраќав редовно на спорт, на јазик и некогаш дополнителни часови по нешто што им е потребно, но тоа никогаш не предизвика тие да се уморни или неспособни за настава.

Децата во Кривогаштани можеби и помагаат дома со земјоделските работи, но тоа не сме забележале да им се одрази во спиење или умор на часовите. Сепак имаме проблем со незаинтересираност, немотивираност и „неприсутност“ на часовите. Од разговорите со родителите дознаваме дека голем број од нив до доцна се на компјутер со игри и на социјалните мрежи, а поголемите (осмо, деветто одделние) веќе и излегуваат навечер до подоцна – вели Бутлеска.

Таа предупреедува на друга појава која исто така премногу влијае на тоа колку учениците се активни или неактивни кога ќе седнат во училишните клупи.

- Обврските во училиштето се зголемуваат секоја година сè повеќе и повеќе, се зголемува бројот на предметите, бројот на часовите, обемноста на материјалот – тоа може да го согледаме со просто броење на часови во наставните планови последниве 10 години. Сакам да верувам дека надлежните размислувале на возрасните и психолошките можности на учениците во секое одделение за понудените фонд и содржини на предметите, но од друга страна работам во училиште и за жал евидентен е падот на нивото на знаењата кај учениците од година во година. Последното истражување кое го имам правено за оптовареноста на учениците во училиштето беше пред 7 години, па не би можела да тврдам каква е точно состојбата сега, но велам, евидентно е рапидното опаѓање на квантумот знаење кое го имаат учениците, опаѓање на мотивираноста за учење кај учениците. Од разговорите со учениците имам сознанија дека и не им е важно колку ќе научат бидејќи секако не можат да научат сè што им се бара, па бараат само оценка. Ова ми дава повод да претпоставам дека поради преобемниот материјал за учење учениците неретко се откажуваат и губат волја да научат нешто повеќе и нешто што ги интересира -вели педагогот Бутлеска.

Таа исто така објаснува дека на сметка на фондот на часовите по предметите по уметностите и вештините се зголемува фондот и предметите кои имаат обемни фактографски податоци (математика, природни науки, иновации, скоро сите изборни предмети).

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование