X
 28.02.2019 Наука

Научници претворија јаглероден диоксид во јаглен

Користејќи течни метали како катализатори, истражувачи успеаја да претворат јаглероден диоксид во честички на јаглен.

Кога станува збор за фаќање и складирање јаглен, истражувачите станаа креативни, претворајќи го јаглеродниот диоксид во сè, од јаглероден моноксид до оксална киселина за процесирање ретки земјени елементи. Сега изгледа дека тие се враќаат на изворот и го претвораат јаглеродниот диоксид во цврст јаглен.

Ова е важен чекор. Истражувачки тим предводен од универзитетот РМИТ во Мелбурн, Австралија, развил нова техника која може да го претвори јаглеродниот диоксид во парченца јаглерод, намалувајќи го загадувањето преку отстранување на стакленичките гасови од нашата околина.

Решението нуди поостварлив приод од повеќето денешни системи за складирање на јаглеродот, кои го компресираат јаглеродниот диоксид во течна форма, со цел негово инјектирање под земја. Околу овие приоди има многу технички и безбедносни дилеми, а исто така тие се и прилично скапи.

- Додека не можеме буквално да го вратиме времето, претворањето на јаглеродниот диоксид во јаглен и неговото закопување назад во земјата е нешто како враќање на часовникот на емисии - истакнува Торбен Дејнеке, истражувач од РМИТ.

Тој додава дека досега јаглеродниот диоксид бил претворан во цврста материја само на екстремно високи температури, поради што тоа било индустриски неизводливо.

Фото: Interesting Engineering

Новата техника е електрохемиска. Се состои од специјално направен катализатор од течен метал, каде што јаглеродниот диоксид од гас се претвора во цврсти парченца јаглерод.

- Со користењето на течните метали како катализатори покажавме дека е можно гасот да се претвори во јаглен на собна температура во процес кој е ефикасен. Иако треба да се направат уште истражувања, ова е клучен прв чекор кон складирање на јаглеродот во цврста форма - истакна Дејнеке.

Што е уште подобро, истражувачите велат дека јаглеродот кој ќе се произведе исто така може да се користи и како електрода. Во процесот се произведува и синтетичко гориво како копродукт, што исто така може да има индустриска примена.

Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука