X
 02.10.2023 Наука

Научници откриле огромен број мистериозни кругови низ светот

Користејќи вештачка интелигенција, истражувачи откриле мистериозни „чудесни кругови“ на стотици локации низ светот. Овие невообичаени кружни вегетациски шеми долго време ги збунуваат експертите, појавувајќи се во пустината Намиб и во австралиските пустелии.

Но, според нова студија објавена во списанието PNAS, невообичаениот феномен може да е многу позастапен отколку што порано се мислеше, што отвора уште повеќе прашања.

Меѓународниот истражен тим тренирал невронска мрежа хранејќи ја со повеќе од 15 илјади сателитски снимки од локации во Намибија и Австралија, а на околу половина од нив биле прикажани и чудесни кругови. Потоа тимот користел систем на вештачка интелигенција за да ги анализира сателитските снимки од повеќе од половина милион хектари земјиште од други делови на светот. Вештачката интелигенција идентификувала повеќе кругови во 263 пустелии во 15 земји, слични на оние што претходно биле идентификувани во Намибија и Австралија.

Новите точки биле најдени во Африка, Мадагаскар, Западна Азија и Југозападна Австралија и биле доминантно топли и песочни локации на кои годишно врнело од 4 до 12 инчи дожд.

Но, останува да видиме дали сите тие случаи потекнуваат од истите природни механизми. Има различни теории за нивното формирање. Според некои експерти, тие се резултат на активности на термити под земјата, додека други посочуваат дека се создадени од самоорганизирачки растенија. Некои експерти дури и не се сигурни дека новоидентификуваните точки можат да потпаднат под моменталната дефиниција за чудесни кругови.

Накратко, ќе бидат потребни уште многу истражувања за да се најде смисла на сето ова.

Извор: Futurism
Насловна фотографија: Wikipedia
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука