X
 28.03.2020 Технологија

Сноуден предупредува: Надзорот што го спроведуваат државите ќе се задржи и по кризата со коронавирусот

Владите на државите од целиот свет користат високотехнолошки мерки за надзор во борбата против коронавирусот. Но, дали тоа вреди?

Едвард Сноуден не мисли така.

Поранешниот вработен во ЦИА, чија акција за протекување документи го покажа обемот на програми за шпионирање во САД, предупредува дека штом оваа технологија ќе почне да се спроведува, тешко ќе биде да се врати.

- Кога ќе поминат вонредните мерки, тие имаат тенденција да останат - вели Сноуден во интервјуто за Меѓународниот фестивал за документарен филм во Копенхаген.

Вонредната состојба има тенденција да се прошири. Тогаш властите се навикнуваат со новата моќ и почнува да им се допаѓа.

Поддржувачите на драконските мерки тврдат дека нормалните правила не се доволни за време на пандемија и дека долгорочните ризици можат да се решат откако ќе се запре пандемијата. Но, краткото суспендирање на граѓанските слободи лесно може да се продолжи.

kamera
Фото: Pixabay

Безбедносните служби наскоро ќе најдат нови намени за овие технологии. И кога кризата ќе помине, владите можат да воведат нови закони што ќе ги направат правилата за вонредни состојби трајни и ќе ги искористат за да се спротивстават на несогласувањето.

Ова може да се покаже како моќен метод за следење на ширењето на вирусот и движењето на луѓето. Но, исто така, може да биде примамлива алатка за следење на терористите или на кои било други потенцијални непријатели на државите.

Вештачката интелигенција стана особено популарен начин за следење на животот под пандемија. Во Кина термалните камери поставени на железничките станици ги идентификуваа пациентите со температура, додека во Русија системите за препознавање на лицето откриваат кои луѓе ги прекршуваат правилата за карантин.

Сноуден е особено загрижен за тоа што безбедносните служби ја додаваат вештачката интелигенција во останатиот технолошки надзор што го имаат.

- Тие веќе знаат што гледате на интернет. Тие знаат кога вашиот телефон се движи. Сега знаат какви се отчукувањата на вашето срце и вашиот пулс. Што ќе се случи кога ќе почнат да ги мешаат и ќе применат вештачка интелигенција? - вели Сноуден.

Тешко е да се постигне рамнотежа помеѓу безбедноста и приватноста и во обични услови, а камоли во време на глобална криза.

Сноуден не ја оспорува сериозноста на пандемијата. Но тој верува дека е минлив проблем што на крајот ќе се реши со вакцини и колективен имунитет.

Смета дека последиците од мерките што се воведуваат денес ќе бидат постојани. Затоа технологијата што се развива сега мора да биде пропорционална на секоја фаза од појавата. Отвореноста од владите и консултациите со јавноста ќе обезбедат дека тоа е во рамките на владеењето на правото и дека ги чува и почитува нашите основни човекови права.

Драконските мерки може да се толерантни ако со нив ја пребродиме пандемијата. Но, мора да размислиме за светот во кој сакаме да живееме откако ќе помине пандемијата со коронавирусот.

Извор: The Next Web
Фото: Screenshot/YouTube
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Технологија