- Луда си, тоа никогаш не се случило.
- Дали си сигурна? Меморијата ти е сѐ полоша.
- Сѐ ти е во главата.
Дали партнерот повеќе пати ви кажал вакво нешто? Колку често ја преиспитувате сопствената перцепција за реалноста, вклучувајќи го и здравиот разум, во врската во која сте? Ако е така, вашиот партнер го прави она што експертите за ментално здравје го нарекуваат гаслајтинг.
Кога жена со попреченост е изложена на гаслајтинг, честопати станува збор за маневрирање за да се минимизира насилството или да се обвини жртвата, односно да се манипулира со верувањето дека попреченоста е причина за насилство.
Жртвата на гаслајтинг верува дека ја заслужува ситуацијата во која се наоѓа или дека си го замислува насилството.
Терминот потекнува од претставата „Гaс лајт“ од 1938 година во која сопругот се обидува да ја полуди сопругата затемнувајќи ги светлата во нивниот дом, а потоа негира дека го променил осветлувањето секогаш кога сопругата ќе го спомене тоа.
Станува збор за исклучително ефективна форма на емоционално насилство што ја предизвикува жртвата да се сомнева во сопствените чувства, инстинкти и здрав разум, што му дава на насилниот партнер голема моќ.
Штом ќе се наруши довербата во сопствената перцепција на реалноста, жртвата е поверојатно да остане во насилна врска.
Фото: Freepik
Некои варијации на техниката гаслајтинг:
Задржување
Насилниот партнер се преправа дека не разбира или одбива да слуша: - Не сакам повторно да слушам за истото. Само сакаш да ме збуниш.
Спротивставување
Насилниот партнер го преиспитува помнењето на жртвата на одредено случување, иако таа добро се сеќава: - Не е точно, никогаш не помниш добро.
Блокирање/пренасочување
Насилниот партнер ја менува темата и/или го преиспитува размислувањето на жртвата: - Дали е тоа уште една луда идеја што ти ја всадија пријателите/мајката/семејството или: - Замислуваш работи.
Тривијализација
Насилниот партнер ги девалвира потребите и чувствата на жртвата: - Повторно полудуваш поради ситница. Пречувствителна си.
Заборавање/одрекување
Насилниот партнер се преправа дека заборавил што се случило и го одрекува ветувањето што го дал: - Не знам што зборуваш. Или: - Само измислуваш работи.
Гаслајтингот се појавува постепено во врската, така што реакциите на насилниот партнер во почетокот може да изгледаат сосема безопасно. Со текот на времето насилните модели продолжуваат, предизвикувајќи жртвата да остане збунета, вознемирена, изолирана и склона кон депресија додека го губи чувството за реалност. Бидејќи жртвата сѐ повеќе се потпира на насилниот партнер да ја дефинира реалноста, ситуацијата за излез од насилството станува сѐ потешка.
За да се надминат овие форми на насилство, важно е да се препознаат и да се врати самодовербата.
Жртва сте на гаслајтинг ако:
- Постојано се преиспитувате себеси.
- Неколку пати на ден се прашувате: Дали сум пречувствителен?
- Често сте збунети до тој степен што мислите дека сте луди.
- Постојано му се извинувате на партнерот.
- Не ви е јасно зошто и покрај толку добри работи што ги имате во животот, не сте среќни.
- Пред пријателите и семејството често имате изговори за однесувањето на партнерот.
- Воздржани сте пред пријателите за да не морате премногу да објаснувате или да барате изговори.
- Знаете дека нешто не е во ред, но не можете да објасните што точно.
- Почнувате да лажете со цел да избегнете свртување кон реалноста.
- Тешко ви е да донесете едноставни одлуки.
- Имате чувство дека сте биле сосема друга личност, која била посамоуверена и поопуштена.
- Се чувствувате безнадежно.
- Не можете да направите ништо како што треба.
- Се прашувате дали сте доволно добри за врска.
Извор:
Nationalgeographic.rs
Фото: Freepik