Насилството е сериозен општествен проблем и со право се вели дека не постои општество што не знае за насилство.
Семејното насилство е феномен кој ги подрива вредностите на демократското општество. Однесувањето во семејството се заснова врз прифатените традиционални улоги што се пренесуваат од една на друга генерација.
Македонското општество го карактеризира патријархална структура, што доминантно ги определува нееднаквите односи на моќ меѓу мажот и жената. Традиционално воспоставената родова матрица на машки и женски улоги, доминантната улога на мажот, од една страна, и инфериорната положба на жената, од друга страна, како и општествената перцепција за легитимноста на моќта на мажите, ја определува положбата на жената во семејството и семејното живеење. Историското прифаќање на семејното насилство во македонското општество е детерминирано од социјалните, економските, културните, политичките, моралните и обичајните вредности.
Жртва на насилство може да биде секој, без разлика на пол, раса, возраст. Живеејќи во патријархално структурирано општество, сметаме дека треба да ги догледаме старите лица, исто како што тие нѐ гледале нас кога сме биле деца. Многу често старите лица остануваат во семејната куќа со нивните деца, а тие за возврат се грижат за нив. Премногу обврски, динамично секојдневие, стрес и ниско ниво на толеранција доведуваат до насилство во домот. Постариот син или снаа ја користат пензијата на нивниот татко или мајка со цел да се покријат месечните трошоци и да се купат потребните лекови за нивното здравје. Но наместо тоа, тие ги кријат месечните примања на нивните родители и не им даваат ни дел од нив.
Многу често и внуците се појавуваат во улога на корисници на нивната пензија, со безброј условувања. Како почести жртви на насилство по основа на пол се јавуваат жените. Однесувањето на сторителот може да се поврзе со биолошките карактеристики, односно жените се физички послаби и обично не можат да се одбранат. Но, и мажите многу често се во улога на жртви. Старите лица што доживуваат семејно насилство не го пријавуваат бидејќи не знаат како или постои тотална спротивност - го оправдуваат насилството на синот или ќерката.
Не секогаш е правило дека старите лица мора да се жртви на семејно насилство. Не сите стари лица имаат фамилија со која живеат во заедништво. Некои се одделиле од своите деца, други се целосно осамени – го изгубиле нивниот животен сопатник, некои пак и покрај тоа што се имаат со својот партнер, се во поодмината возраст и во лоша здравствена состојба. За жал, зголемен е бројот на опљачкани семејни домови, а при самиот чин на ограбување се случува и физичко и сексуално насилство, кои во најголем дел имаат и грозоморен крај – убиство.
Наместо да им го огорчуваме животот и да им го уништуваме здравјето, да ги посетуваме почесто. Старите лица сакаат внуците и децата да се грижат за нив. Сакаат да се присетат на добрите денови кога биле помлади и се грижеле за нивниот раст и развој. Секогаш имаат понекоја добра мудрост да кажат или некоја смешна приказна, па заедно до солзи се смеат со нас. Заедничкото разгледување на семејниот албум им буди позитивни емоции и среќа.
Секоја баба и дедо се достоинствени и заслужни за почит и внимание затоа што во себе имаат собрано низа искуства и животни приказни кои можат да ни го направат животот полесен и поучен!!!
Автор: Елена Mихајловска, дипломиран семеен советник