Набрзо откако пристигнал во забранетата зона во Чернобил, Богдан сфатил дека неговата нова работа донела и неочекувани придружници.
Уште од првите денови како чувар на контролниот пункт во Чернобил, тој го делел тоа место со глутница кучиња. Богдан работи во зоната веќе втора година и добро ги познава кучињата. Некои од нив имаат имиња, а некои не. Некои остануваат блиску, други се оддалечуваат - доаѓаат и си одат.
Богдан и другите чувари ги хранат, им нудат засолниште и повремено им укажуваат медицинска нега. Ги закопуваат кога ќе умрат. Сите кучиња, на некој начин, се бегалци од
катастрофата во 1986 година, во која експлодира реакторот број 4 во нуклеарната централа во Чернобил. По експлозијата, десетици илјади луѓе биле евакуирани од украинскиот град Припјат. Им било кажано дека треба да ги напуштат своите домашни миленици.
Советските војници морале да застрелаат многу напуштени животни во обид да спречат ширење на контаминацијата. Но некои животни се скриле и преживеале.
35 години подоцна, стотици кучиња скитници шетаат низ забранетата зона, која се протега на 2.600 километри. Никој не знае кое од кучињата доаѓа директно од напуштените домашни миленици. Но, сега, сите кучиња ѝ припаѓаат на зоната, а нивните животи се полни со предизвици. Нивниот просечен животен век е само 5 години, според „Фондот за чиста иднина“, невладина организација што ги следи и се грижи за кучињата што живеат во зоната.
Фото: Chernobyl Guards/Jonathon Turnbull
Коосновачот на „Фондот за чиста иднина“, Лукас Хиксон, кој се откажал од својата истражувачка кариера за да се грижи за животните, нуди виртуелни тури низ зоната чии главни актери се кучињата. Но, помалку е познато дека локалните работници секојдневно комуницираат со овие кучиња.
Џонатан Турнбул, докторанд по географија на Универзитет „Кембиџ“, сфатил дека вреди да се соберат приказните на овие луѓе. Она што тој го открил е искрена приказна за односот на чуварите кон животните со кои се среќаваат во оваа напуштена околина - приказна што обезбедува увид во длабоката врска меѓу луѓето и кучињата. На пример, чуварите им дале имиња на неколку кучиња: Алфа, Тарзан, Колбас.
За пристап до зоната, потребна е дозвола, па затоа чуварите се задолжени за контролирање на пунктовите на патиштата.
Фото: Chernobyl Guards/Jonathon Turnbull
Кога Тарнбул, кој живее во Киев, почнал редовно да ја посетува зоната, тој се сретнал со Богдан и другите чувари. На почеток биле со резерва и не сакале да зборуваат, но подоцна тој им понудил можност да учествуваат во неговото истражување. Неговата идеја била да им даде на чуварите камери за еднократна употреба за тие да ги сликаат кучињата. Стражарите имале само едно барање од Тарнбул: да носи храна за кучињата. Тој го направил тоа.
Направените фотографии откриле колку работниците се здружиле со кучињата скитници.
На посетителите обично им се препорачува да не ги допираат кучињата, од страв дека животните можат да носат радиоактивна прашина. Невозможно е да се знае каде талкаат кучињата, а некои делови од зоната се поконтаминирани од другите.
Освен кучињата, во зоната има и диви животни. Сара Вебстер, биолог за диви животни, во 2016 година објави труд во кој со колегите открила како цицачи, од волци до диви свињи и црвени лисици, ја колонизирале зоната.
Фото: Chernobyl Guards/Jonathon Turnbull
Податоците од камерите-замки покажуваат дека бројот на животни не бил значително помал во областите каде што имало поголема радиоактивна контаминација.
И покрај фактот дека кучињата може да претставуваат ризик во однос на радиоактивноста, чуварите како Богдан ги истакнуваат придобивките од нивната близина. На пример, тој тврди дека го препознава лаењето на кучињата во зависност од тоа што забележале на далечина. Поради овие корисни сигнали за предупредување, Богдан смета дека кучињата им помагаат.
Богдан вели дека често го прашуваат зошто на кучињата треба да им се дозволи да останат во зоната на исклучување.
- Тие ни даваат радост. За мене, ова е еден вид симбол на продолжување на животот во овој радиоактивен, постапокалиптичен свет - вели тој.
Извор:
BBC
Фото: Chernobyl Guards/
Jonathon Turnbull