Ива Лазова го заврши факултетот во рекордно време со просек 9,80 и веќе е запишана на постдипломски студии и ангажирана како демонстратор на Природно-математичкиот факултет при УКИМ во Скопје.
Од вкупно 40 испити на студиската програма Примената математика на Природно-математичкиот факултет при УКИМ во Скопје, плус дипломска работа, кои ги заврши за 3 години, 11 месеци и 27 дена, нема десетки само по пет предмети. Ива Лазова од Скопје го заврши факултетот со просек 9,80 и беше меѓу седумте најдобри дипломирани студенти од прв циклус за 2023 година кои ги промовира ПМФ и најдобар дипломец на нејзината насока.
Ако се учи само за време на сесија, невозможно е да се постигне многу висок резултат
- Кога го започнав студирањето, не ми беше приоритет просекот, туку навременото завршување. Таа амбиција некако спонтано се појави во текот на студирањето со навлегување подлабоко во материјата. Имаше денови кога учев од утро до вечер, односно целото време ми беше подредено на учењето, буквално со денови да се биде во блиската читалница или дома над книга или пред компјутер. Според мене, ако се учи само за време на сесија, невозможно е да се постигне некој многу висок резултат - вели Лазова.
Последниот испит и дипломската работа со наслов „Алгебарски аспекти на криптографија“, под менторство на проф. д-р Весна Целакоска-Јорданова, ги заврши во септемвриската сесија од последната (четврта) година. Вели дека било малку напорно, но напорот се исплатил.
- Најдобриот дел од студирањето, покрај комуникацијата со колегите, професорите, асистентите и демонстраторите, беше чувството на систематско навлегување во тајните на математичките и сродните науки, како и проширување на погледите и сфаќањата - додава Лазова.
На прашањето дали признанието најдобар студент ѝ донесе предност при вработување, таа вели:
- Да, меѓутоа, не доволно според мое мислење и тоа не само за овој факултет, како што сум информирана. Всушност мислам, односно по моја процена, многу места неправедно, веројатно од партиски или други (лични) интереси ми се затворија пред нос. Се запишав на втор циклус студии, ангажманот како демонстратор на ПМФ е во ред. Но, многу слабо платен, имам работно искуство со подготовка на ученици и студенти, сепак секогаш сите се стремиме кон поголемо надградување и нови искуства.
Математиката го развива мозокот на поинаков начин
Кај математиката ја фасцинира тоа што го развива мозокот на поинаков начин од другите науки, за кои вели дека еднакво ги цени и многу ја сака соработката меѓу различните научни дисциплини, со што се развива и поинаков начин на гледање на работите воопшто.
Токму затоа ја одбрала применета математика бидејќи особено ужива во соработката со други области, како: физика, економија, биологија, географија, хемија, финансии и ред други науки. Вели: „Незамисливо е каде сѐ може да се примени математиката“.
За поголема афирмација на студиите, потребно е да се отворат посоодветни работни места
- Применетата математика е одличен спој на теоретското и практичното бидејќи математиката служи како егзактна основа за горенаведените науки. Оваа дисциплина е многу барана и актуелна во странство, но кај нас, за жал, сѐ уште не е доволно афирмирана, иако постојат многу напори тоа да се случи во најблиска иднина. И кога повторно би одбирала, би го одбрала ПМФ. Генерално сум задоволна од процесот на студирање, иако мислам дека студирањето математика не е преафирмирано во нашата земја за разлика од земјите во странство. За тоа можеби придонесуваат повеќе фактори, меѓу кои и отворање посоодветни работни места каде што би се искористила добиената стручност, за што сите се надеваме да се смени во блиска иднина - додава Лазова.
УКИМ има што да им понуди на студентите
Додека дел од нејзините врсници заминаа да студираат во странство, таа остана во Македонија зашто сметаше дека нашата држава има доволно да понуди во најголемиот државен универзитет, чија диплома е призната секаде.
Само што дипломира, а веќе е запишана на постдипломски студии на истиот факултет, на насоката Применета математика - математичка статистика, актуарство и математичко моделирање во економија, каде што во моментов е ангажирана и како демонстратор.
Ќерка на еминентниот универзитетски професор по математика Петар Лазов
Инаку, најдобро дипломираната студентка по Применета математика на ПМФ љубовта кон математиката ја наследила од нејзиниот татко, проф. д-р Петар Лазов, кој беше редовен професор по математика на Факултетот за електротехника и информациски технологии во Скопје, со титула доктор на науки по математика и докторат одбранет на Електротехничкиот факултет во Белград, кај еден од најеминентните професори од светски ранг во тоа време, проф. д-р Драгослав Митриновиќ.
Во текот на образованието се покажа дека и Ива ги има наследено афинитетите кон математиката, па имаше освоено награди на општинските и државните натпревари по математика и физика во средно образование и еден сребрен медал на Македонската олимпијада по математика.
фото: приватна архива