X
 28.04.2022 Наша тема

Во светот каде што „царуваат“ мажите, Миа освојува титули и ги урива стереотипите

Тренирав одбојка, пливање, хип-хоп, фудбал и на крајот се пронајдов во кикбоксот и најголемите успеси ги постигнав во овој спорт, токму затоа што го сакам, вели таа

Приказната на Миа Тодорова, млада, а веќе успешна кикбоксерка е приказна за успехот на една девојка во машкиот свет на спортот, а воедно и нејзина победа над стереотипите и предрасудите.
Има 18 години, од кои речиси пет е во рингот каде што ги собира трофеите на популарноста. Сон ѝ е да се натпреварува и да го освои Светското првенство во кикбокс.

- Живеам во Скопје и учам во средното фискултурно училиште „Методи Митевски- Брицо“. Уште како мала присуствував на натпреварите каде што се натпреваруваше мојот постар брат и така ми се јави желба да почнам да тренирам, и тоа од мојата 13. Година -вели Миа.
Да бидеш жена во спортот каде што „царуваат“ мажите не е само храброст, туку тоа, пред сѐ, е мотив да постигнеш успех во тоа што го правиш.



Околината не е ничиј судија, иако самата признава дека нејзините врсници најчесто се збунети кога ќе дознаат за нејзината спортска опсесија.
- Кога ќе дознаат дека се занимавам со кикбокс, малите деца секогаш се воодушевени, додека оние малку повозрасните или моите врсници малку поразлично ме доживуваат, но најчесто се збунети. Многумина ме препознаваат, некои од спортот, а некои и од социјалните мрежи, па најчести коментари што ги добивам се од типот: „Треба да си многу храбар за да ѝ бидеш дечко на Миа“ - низ смеа објаснува младата кикбоксерка.

Непобедлива е на домашен терен, но и во странство

Нејзините успеси веќе не се мерат само дома. Миа веќе е дел од европските и светските првенства. Најдрага ѝ е наградата за најдобра млада спортистка за 2019 година во Македонија.
На Европското првенство 2019 година освоила трето место. Трето место освоила и на Светско првенство во муаи таи во 2019 година.
Во 2021 година е првак на Балканско првенство, а истата година е вицешампион на Европско првенство, како и вицешампион на Светско првенство во муаи таи во 2022 година.
Првото место на државното првенство веќе неколку години е резервирано за неа и тука речиси е непобедлива.



Љубовта кон спортот е пресудна за успесите

За нејзиниот удар да биде шампионски и победнички, од голема важност е поддршката од дома. На нејзините родители не им било чудно што сака да тренира кикбокс и уште од почетокот ѝ давале огромна поддршка и мотивација за да продолжи да тренира.

- Има многу млади девојчиња што имаат желба да тренираат кикбокс, но мислам дека им треба поголема поддршка за да го пробаат овој спорт и да видат дека секој може да тренира без разлика дали е машко или женско - вели Миа.

Пораката на Миа е кон девојките, но и кон родителите. Смета дека сите деца од најмала возраст треба да се занимаваат со каков било спорт, да пробаат различни спортови сѐ додека не се пронајдат во некој и да го засакаат.



- Тренирав одбојка, пливање, хип-хоп, фудбал и на крајот се пронајдов во кикбоксот и најголемите успеси ги постигнав во овој спорт токму затоа што го сакам. На родителите им порачувам да не ги форсираат децата во некој спорт кој тие мислат дека е соодветен за нив или им е неостварен сон, туку да ги пуштат децата сами да одлучат - објаснува таа.

Во рингот ѝ е покачен адреналинот, ударите не ги чувствува

Искуството на Миа покажува дека секоја жена што се занимава со овој или со слични спортови кои најчесто се дефинираат како машки, со голем труд и напор може да постигне добри резултати.
Жените во овие спортови некогаш дури имаат и поголема предност бидејќи на натпреварите има помала конкуренција и многу полесно може да стигнат до финале за да направат успех, за разлика од мажите.

- Секој што сака да тренира, пред сѐ, мора да знае дека кикбоксот е борачки спорт и секако е погруб од другите спортови, затоа што има удари, но сепак има повеќе дисциплини каде што има „лајт“ контакт и таму ударите се послаби - посочува младата кикбоксерка.
Но, кога таа влегува во рингот, вели дека адреналинот ѝ е многу покачен и најчесто ударите ги чувствува само откако ќе заврши борбата.



Сон ѝ е да го освои Светското првенство

Иако смета дека во Македонија не е лесно да си спортист, особено поради состојбите во кои се наоѓа спортот, сепак вели дека тоа не треба да биде демотивација за спортистите.
Иако млада, таа е доста амбициозна и смета дека сечиј, па макар и индивидуален влог во спортот е придонес кон подигнување на спортското ниво на земјава, пред сѐ, дома, а потоа и надвор.

- Сите знаеме како е да си спортист во земјава. Има некаква помош која реално е минимална и не ги покрива трошоците за опрема, за исхрана, ниту, пак, за патувања. Во последно време, за наша среќа, Федерацијата ни помага и тоа е доста олеснително. Сите заедно можеме повеќе, но бидејќи ова е индивидуален спорт, се надевам и работам на тоа да го подигнеме кикбоксот на повисоко место, прво кај нас, а потоа и надвор од нашата држава - додава таа.



За нивото на кикбоксот во Македонија, вели дека во последно време сѐ повеќе напреднува.
- Кога почнав да тренирам, бевме само две девојчиња на тренинг, но сега сѐ почесто доаѓаат нови - раскажува младата спортистка.

За неа, кикбоксот сепак останува приоритет.

- Мојот сон е да освојам Светското првенство. Сѐ уште учам и тренирам секој ден, па ми останува многу малку време од денот кое најчесто го користам на социјалните мрежи - заклучува Тодорова.

Фото: приватна архива
Подготвил: Радмила Заревска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема