Денеска е Светскиот ден на безбедност и здравје при работа. По тој повод, Институтот за јавно здравје ја објави Информацијата за повреди на работа за 2021/2022 година.
Податоците покажуваат дека во 2022 година се регистрирани 574 повреди на работа, со стапка од 83 повреди на 100.000 работници (83/100000), што претставува намалување за речиси 16% во споредба со претходната година.
Во структурата на регистрираните повреди на работа во 2022 година и понатаму најголем број се оние забележани во индустријата и рударството, и тоа вкупно 183 повреди или 31,9% од вкупниот број на регистрирани повреди во Македонија во 2022 година. Во споредба со 2021 година, нивниот број е намален за 42,8%.
Потоа следуваат повредите регистрирани кај вработените во општествено-политички организации, кои во структурата на вкупните повреди на работа учествуваат со 15%. Станува збор за 86 повреди, а во споредба со 2021 година нивниот број е зголемен за 91,9%.
На трето место во структурата на повредите во 2022 година се повредите во здравство и социјална заштита со вкупно регистрирани 77 повреди, т.е. 13,4%. Во споредба со 2021 година нивниот број е зголемен за 10,4%.
Во структурата на вкупниот број повреди на работа во 2022 година повеќе има повредени работници од машкиот пол. Така во 2022 година 365, т.е. 63,6% од сите повреди се регистрирани кај работниците, а 209, т.е. 36,4% се повреди забележани кај работничките.
Во структурата на вкупниот број повреди на работа во 2022 година според град, најголем број на повредени работници се регистрирани во Скопје, вкупно 381, т.е. 66,4%, па во споредба со претходната година постои зголемување на бројот на регистрирани повреди за 23,6%. Потоа следува Битола со 89 (15,5%), Велес со 37 (6,4%), Кавадарци со 34 (5,9%), Неготино со 15 (2,6%), Гевгелија со 11 (2%) и Свети Николе со 7 (1,2%) од вкупниот број регистрирани повреди на работа за периодот од 2022 година.
Според добиените податоци, во текот на 2022 година не се регистрирани смртни случаи поради повреда на работа.