X
 28.06.2018 Здравје

Центарот за зависност од видеоигри наскоро ќе ги прими првите пациенти



Во Лондон се отвора клиника за лекување зависности од играње компјутерски игри како последица од неодамнешната класификација на зависноста од игри во ментални нарушувања од страна на Светската здравствена организација.


Дете игра видеоигра на компјутер
(Фото: Pixabay)


Овој вид зависност еднакво може да го загрози здравјето на поединецот како и сите други затоа што и симптоматологијата им е слична, се наведува во оцената на британскиот здравствен естаблишмент кој ја донесе oдлуката за отворање ваков центар.

Во англиската престолнина наскоро ќе биде отворен Центарот за зависност од видеоигри. За почеток, тоа е основната идеја, но подоцна се планира активноста на центарот да биде проширена и на лекување зависници од други содржини на интернет, како на пример, порнографските.

Целиот проект ќе биде финансиран од страна на Националната здравствена служба, но и од разни донатори и организации.

Оваа „болест“ најчесто ги напаѓа тинејџерите и помладата популација, па неретко се случува младите да го запостават своето школување, што се одразува врз различни аспекти, но и врз квалитетот на нивниот живот, сметаат од СЗО.

Основачката на клиниката, психијатарот Хенриета Боуден Џонс, смета дека не се заканува епидемија на оваа болест, но дека центарот ќе може да им помага на лицата што страдаат од ваква зависност. Таа е задоволна затоа што смета дека конечно и овој вид зависност ќе се третира на соодветен начин.

Од друга страна, одредени психијатри го критикуваат овој потег затоа што сметаат дека болеста мора да се лекува системски, во поширока смисла. Тие тврдат дека зависноста од компјутерските игри е само мал дел од севкупен проблем, како и дека треба да се подигнува свеста за одговорно однесување на општо ниво.
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Здравје