X
 17.04.2018 Живот

Најдобриот бизнис-совет што го дал Стив Џобс

Способноста да се каже „не“ била најголемата вештина на Џобс.

„Стив беше најфокусираната личност што некогаш ја запознав во животот“, изјави Џони Иве, шефот на дизајн-тимот на „Епл“ и човек што Џобс во една пригода го опишал како свој „духовен партнер“.

Иве вели дека неговиот шеф редовно прашувал: „За колку работи си кажал не?“

Советот што Џобс им го давал на своите вработени бил: „Да се фокусираш, значи да кажеш не“.

Вистинскиот фокус значи да кажеш не на нешто што навистина те интересира - нешто за кое секоја коска во твоето тело мисли дека е феноменална идеја. Се будите размислувајќи за тоа, но на оваа идеја ѝ кажувате не бидејќи сте фокусирани на нешто друго.

Ставање на фокусот во пракса


Без оглед на вашата улога или позиција, секојдневно се соочувате со одлуки во вашата работа. Дали треба да се приклучам на овој состанок? Дали навистина сакам да го преземам овој клиент или проект? Дали треба да се фокусирам на оваа задача за сметка на онаа другата?

На многумина не им е лесно да кажат „не“. Можете да се обидете да рационализирате: „Не сакам да повредам нечии чувства, тие нема да разберат, ќе пронајдам начин да го направам сето тоа“.

Не, нема. Учењето да кажете „не“ започнува со „заострување“ на вашата емоционална интелигенција - способноста да направите емоциите да работат за вас наместо против вас. Одбивајќи привремените емоции да доведат до трајни одлуки, ќе сфатите дека недостигот на фокус лесно доведува до жалење.

Значи, наместо да се обидувате да направите сè за сите, можете да направите една работа како што треба.

Затоа, изберете мудро. Затоа што секојпат кога ќе кажете „да“ на нешто што не ви е приоритет, всушност му велите „не“ на она што сакате да го работите.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот