X
 28.07.2019 Живот

Девојчињата кои го убедиле нивниот остров Бали да ги забрани пластичните кеси

Одлуката Бали да стане првиот остров без пластика, официјално стапи во сила и е забранета дистрибуцијата на пластични кеси, сламки за пиење и стиропор. Оваа одлука била донесена во декември 2018 година.

Островот Бали, најпознатата туристичка дестинација во Индонезија, од јуни оваа година стана место каде е забранета продажбата на пластични кеси, сламки за пиење и стиропор. Овој остров, како и многу други места во светот опкружени со природа и океани, имал голем проблем со загадувањето и пластичниот отпад. Бреговите на океаните често биле преплавени со пластика и сличен отпад, што ја загадувал средината, но и влијаел на растителниот и животинскиот свет во океанот.

Иницијативата да се забрани користењето на пластика била почната пред околу шест години, кога двете сестри Исабел и Мелати Вијсен го почнале својот активизам, што подоцна резултирал во невладината организација наречена „Збогум збогум пластични кеси“. Кога иницијативата почнала, девојчињата имале само 10 и 12 години. Идеја за иницијатива добиле по часот за светските лидери како Нелсон Мандела и Лејди Ди. Ова ги поттикнало да се запрашаат што можат да направат за нивниот остров. Така, тие се одлучиле да се фокусираат на пластичниот отпад. Создавајќи го проектот „Збогум збогум пластични кеси“, девојчињата имале за цел да се забранат пластичните кеси на островот.

plastika
Фото: Freepik

Првиот чекор бил да достават петиција до гувернерот, за забраната да стапи во сила. Собрале повеќе од 100.000 потписи, но гувернерот не обрнал внимание и воопшто не ја разгледал петицијата. Тогаш сестрите се одлучиле за порадикален чекор: штрајк со глад сè додека некој не ги забележи.

Една година подоцна, гувернерот потпишал официјален документ дека во 2018 година ќе се донесе забрана за користење на пластичните кеси во Бали. Но, сестрите тука не застанале. Тие почнале да организираат акции за чистење на плажите и успеале да соберат 12.000 волонтери.

На неодамна одржаниот Светски економски форум во кинескиот град Далиан, Исабел Вијсен, која денес има 16 години, била најмладиот говорник. Таа зборуваше за тоа како ја почнале борбата и што ги мотивирало да ја почнат акцијата за забрана на пластика на островот.

Шест години борба, активизам и подигнување на свеста за овој проблем резултира со забрана на пластичните кеси, а владата на Индонезија смета дека во наредните години, загадувањето на пластичниот отпад ќе се намали за 70 отсто, како резултат на оваа законска регулатива.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот