X
 28.07.2020 Наука

Тинејџерки од Индија откриле астероид кој се движи кон Земјата

Две тинејџерки од Индија откриле астероид насочен кон Земјата гледајќи фотографии направени со телескопот на Универзитетот во Хаваи, изјавиле од индискиот институт за вселенско образование „Спејс Индија“.

Астероидот во моментов е во близина на Марс и се очекува да помине покрај орбитата на Земјата за околу еден милион години, велат од институтот каде што двете 14-годишни девојки биле на тренинг. Астероидот, моментално наречен ХЛВ2514, може да добие официјално име кога НАСА ќе ја потврди неговата орбита.


Фото: Freepik

Едната тинејџерка, Вајдехи Векарија, изјавила дека сака да стане астронаут кога ќе порасне. Од друга страна, Радика Лакани изјавила дека била посветена на своето образование бидејќи нема телевизор дома и може да се концентрира на учењето.

Астероидите и кометите може да претставуваат ризик за Земјата а научниците откриваат илјадници секоја година. Во 2013, астероид потежок од Ајфеловата кула експлодирал над Русија, повредувајќи околу 1.000 луѓе.


Фото: Freepik

Двете тинејџерки, кои се од индискиот град Сурат, го откриле астероидот како дел од кампања за потрага по астероиди организирана од институтот заедно со ИАСЦ, група за астрономска соработка поврзана со НАСА. Патрик Милер, директор на ИАСЦ, го потврдил откритието, според „Ројтерс“.

Девојките користеле специјален софтвер за анализа на слики направени од телескопот „Пан-СТАРРС“ во Хаваи и го направиле откритието во јуни.

Автор: Сумит Кана
Извор: reuters.com
Подготвил: Драгана Петрушевска

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука