На крајот од еден мал селски пат во Данска се наоѓа фабриката „Енорм“, фарма за инсекти основана од Данка која сака да ја револуционизира храната за добитокот.
Џејн Линд Сем и нејзиниот татко Карстен Линд Педерсен ги замениле свињите со муви и создале фабрика од 22.000 квадратни метри, каде што имаат намера да произведуваат повеќе од 10.000 тони брашно од инсекти и масло годишно.
Фабриката, која била отворена во декември 2023 година, е најголема од ваков вид во Северна Европа, а нејзините производи првично ќе ги користат фармерите за добиточна храна и, можеби во иднина, за човечка исхрана. Двајцата претприемачи прават производи што ќе „заменат други, можеби помалку еко-френдли производи“. Тие се надеваат дека ќе придонесат за еволуцијата на земјоделството во земја каде што влијанието на овој сектор врз климата постојано е под лупата.
Во 2020 година извештајот на Универзитетот во Копенхаген покажал дека увозот на производи од соја за добиточна храна испушта седум милиони тони јаглероден диоксид што ја загрева планетата, што претставува 60 отсто од вкупните емисии на јаглероден диоксид од данското земјоделство.
Сепак, „Енорм“ - кој започна со производство со помош на јавни и приватни инвестиции - сè уште има скромна книга на нарачки. Под тиркизните флуоресцентни светла, милиони црни муви зујат во околу 500 пластични кафези.
Но, според Меѓународната платформа за инсекти за храна и добиточна храна, индустријата расте и производството на оброци од инсекти би можело да достигне еден милион тони до 2030 година.
Во објектот е невозможно да се избегне татнежот на инсектите кои непрестајно несат јајца во текот на нивниот 10-дневен животен век. Дневно се произведуваат околу 25 килограми јајца. Еден грам одговара на околу 40.000 јајца.
-Тие се фасцинантни животни. И мислам дека е неверојатно што можат да живеат на која било органска материја - вели Линд Сем.
Нилс Томас Ериксен, биолог од Универзитетот во Алборг, изјавил дека инсектите можат да јадат материјали што другите животни веројатно нема да ги јадат, за да можеме подобро да ги користиме земјоделските нуспроизводи и отпадот од храна. Минимизирањето на отпадот е една од клучните цели на „Енорм“ и производителите истакнале дека одгледувањето инсекти го олеснува рециклирањето на хранливите материи.
Потребни се меѓу 40 и 50 дена за да се добие готовиот производ, кој е главно брашно со содржина на протеини од 55 проценти. Потоа се дистрибуира низ Европа - иако „Енорм“ останува дискретна за идентитетот на своите клиенти, се користи за сточна храна за фарми за свињи, живина, риби и домашни миленици.
Компанијата забележува и дека ларвите имаат „потенцијал за идна интеграција во исхраната на луѓето“.
Извор: phys.org
Фото: phys.org