Сите тие кремови, туби, серуми, масла, лосиони, млека, тоници и многу производи од бескрајниот козметички арсенал имаат рок на траење. Затоа, треба да се запрашаме дали употребата на стари козметички производи може да биде штетна за кожата и, воопшто, за нашето здравје. Имено, штом ќе го отворите капакот на кремот за лице, почнува да му отчукува рокот на употреба. Истото важи и за никогаш неотворениот крем за пилинг, кој собира прашина на дното од шкафот - ниту тој не може да трае вечно.
Значи, колку долго навистина траат производите за нега на кожа?
Една година од отворањето
Кај повеќето производи за нега на кожа и коса лесно е да се открие колку долго траат, бидејќи оваа информација е наведена на пакувањето со броеви (6, 12, 24 или 36). Овие бројки го покажуваат бројот на месеци во кои мора да се користи отворениот производ. Доколку производот нема таква ознака, треба да бидат наведени датумот и годината, исто како и кај прехранбените производи.
Доколку производот нема рок на траење или сте го изгубиле оригиналното пакување на кое е наведен, општо правило е дека треба да се користи во рок од една година од отворањето. Ова не важи за производите за потемнување, ниту за дермокозметичките производи купени со рецепт, како што се препаратите за акни.
Можно место за размножување на бактерии
Ако не го искористите производот во рок од една година, бактериите можат да го колонизираат, особено ако го чувате во влажна просторија како бањата. Ваквиот истрошен производ нанесен на кожата може да предизвика иритација, исип или акни. Затоа, при проверка на вашите препарати, проверете дали е променета текстурата или дали производот веќе има непријатен, необичен мирис, можеби дури и акумулации на маснотии или масло. Доколку го забележите ова, веднаш фрлете го бидејќи со понатамошна употреба ризикувате опасни иритации, дури и инфекции, црвенило, исип или чешање.
Неотворените производи за нега траат малку подолго од користените бидејќи помала е веројатноста да бидат нападнати од бактерии. Но, како и да е, секогаш бидете внимателни и проверете го горенаведеното со секој козметички производ.
Кога производот не е отворен
Се верува дека неотворените производи можат да траат од две до максимум пет години. И во овој случај, ова општо правило не важи за кремовите за заштита од сонце и оние за нега на акни.
Дополнително, треба да се скрати и овој временски период доколку производот бил во влажна или прегреана просторија, а бањите најчесто се такви. Неотворените производи, за кои знаете дека нема да почнете да ги користите наскоро, најдобро е да се чуваат на ладно, суво и темно место, никогаш во бањата, туку најдобро во фрижидер. Состојките во нивните формули ја губат својата ефикасност со текот на времето и нема да извлечете голема корист од нив.
Извор: net.hr
Фото: Freepik