Минатата недела почна тестирањето на авионот за ултрадолги релации „ербас A350-1000ULR“, кој за „Квантас“ од следната година ќе превезува патници на најдолгата релација во историјата. Тоа ќе биде лет од Сиднеј до Лондон, а во рамките на проектот „Санрајз“ на „Квантас“ тестирањата продолжија и оваа недела.
На повратниот лет, од Мелбурн во Австралија до Тулуз во Франција, овој авион го собори светскиот рекорд за траење на лет на еден комерцијален патнички авион - 24:23 ч. во воздух.
Авионот на „Квантас“ полета без патници, со цел да се тестираат можностите на леталото на толку долг лет, но и сите негови системи и екипажот. Тоа се подготовки за лет за кој веќе се наведува дека би можел да донесе пресвртница во комерцијалната авијација и директно да поврзе две рекордно оддалечени точки во светот.
Планираните летови помеѓу Сиднеј и Лондон ќе бидат подолги од 22 часа, а редовно ќе се спроведуваат од октомври следната година.
Овонеделниот лет траеше 24 часа и 23 минути, вклучувајќи и слетување во Тулуз од втор обид. За тоа време премина растојание од околу 16.888 километри, со што беше соборен рекордот од 2025 година кој го постави „боинг 777-200LR“ со 22 часа и 42 минути поминати во воздух.
„Ербас A350-1000ULR“ има капацитет на резервоарот за 188.300 литри гориво (над 150 тони), бидејќи вклучува и дополнителен резервоар од 20.000 литри посебно додаден за вакви летови. Австралиската авиокомпанија нарача 12 такви примероци, чија кабина е исто така преработена за патниците во нив да се чувствуваат удобно за време на целодневните летови во иднина.
Капацитетот ќе биде 238 патнички седишта распоредени во кабини со четири класи.
Фото: принтскрин/јутјуб