Докторот, исто како и математичарот за неговата задача, треба да ги земе предвид сите околности и целосната историја на болеста на пациентот за да ја постави дијагнозата
Повеќето од нас веќе одамна завршиле со посериозните математички операции. Одземање, собирање, множење и делење се дел од секојдневието на сите нас, додека сложените комплексни задачи воопшто не ги употребуваме. Но дали тоа важи и за лекарите? Каква улога има математиката во професионалниот живот на овие луѓе?
- Погрешно е тоа што на математиката се гледа само како на наука за формули и дека тие нема каде да се применат. Математиката е дисциплина која нѐ формира како личности, нѐ учи на упорност, истрајност, ни ја развива логиката и ни создава мотивација за решавање на секој проблем - вели Весна Ристовска, професорка по математика која предава во средното медицинско училиште во Куманово.
Нејзините ученици, кои сакаат да станат лекари или медицински сестри, секогаш кога ќе наидат на проблем ја прашуваат зошто им е потребна математиката.
- Им кажувам дека проблемот е секојдневие на секој лекар. За среќа, за секој проблем постои решение – вели таа.
Нов случај во медицината е нова задача во математиката
Целата историја на болеста кај еден пациент, сите околности што довеле до нејзина појава, е еден вид формула.
- Многу успешни лекари со кои сум соработувала се одлични математичари и голем дел од нив ми кажуваат дека при запишувањето на факултет долго време се двоумеле дали да се запишат на Математика или на Медицина. Едноставно, и тие знаат колку се поврзани математиката и медицината. Математиката нѐ учи на прецизност и концизност во изразувањето, на систематичност и одговорност кон работата и исто така нѐ учи како да ја негуваме потребата за надградување и стекнување нови знаења – објаснува Ристовска.
Преку математиката ученикот стекнува навики за упорност, одговорност, редовност, точност, но најважно од сѐ љубопитност, а тоа е клучно доколку сака да стане успешен лекар во иднина.
- Секој лекар треба да го гледа пациентот како посебна задача и треба да е извежбан во решавање проблеми доколку сака да го излекува пациентот. Докторот, исто како и математичарот за неговата задача, треба да ги земе предвид сите околности, целосната историја на болеста на пациентот за да ја постави дијагнозата – вели професорката.
Графикони, проценти, дропки, делење на ампули
Докторите исто така треба да знаат проценти и дропки. Пресметувањето на дозата и графиконите се исто така важни.
- Графиконите не им одат лесно на многу ученици, и јас тоа го разбирам. Но, кога ќе ме прашаат зошто им се потребни, им објаснувам дека сите лекари користат графикони. Самата температурна листа што се наоѓа над креветот на секој пациент е типичен графикон – објаснува професорката Ристовска.
Математиката е многу важна. Таа е потребна за развојот на интелигенцијата и логиката кај децата. Сепак, на учениците им е потребна голема мотивација од професорите за да стекнат љубов кон овој предмет. Маријана Димитриевска, професорка по математика, вели дека нејзините ученици ги води според еден основен принцип - да размислуваат логички.
- Постојано им нагласувам дека формулите ќе се заборават, но логиката останува. Им кажувам дека лекарите треба да ја знаат математика бидејќи медицината се поставува на научни основи со помош на математика за разлика од другите природни науки – вели Димитриевска.
И лекарите знаат колку е важна математиката
Лекарите не ја негираат важноста на математиката и велат дека секојдневно ја користат во нивната работа.
- Најчесто претворам една мерна единица во друга. Тука особено е важна пропорционалноста. Ние, лекарите, пресметуваме концентрација на лек на килограм телесна тежина или доколку во една кутија има одреден број капсули, а пациентот треба да ги употребува трипати дневно, треба да се пресмета колку кутии ќе му требаат месечно. Исто така и статистиката е важен дел од медицината. Таа има широка примена во средување на податоците на пациентите – објаснува д-р Слаѓана Поповиќ-Станковска, општ лекар.