X
 08.04.2024 Наука

Домашните по математика може да направат повеќе штета отколку добро, покажува студија

Давањето домашни задачи по математика некогаш може да донесе повеќе штета отколку корист, особено кога задачите се пресложени за децата да можат да ги решат дури и со помош од родителите, покажува нова студија.

Истражувачи од Универзитетот на Јужна Австралија и Универзитетот „Сент Френсис Хавиер“ во Канада испитале осум фамилии од Канада, поставувајќи им прашања за нивните искуства со домашните задачи по математика и нивното влијание врз фамилијата.

Сите фамилии имале дете во трето одделение, деца кои обично се на возраст од 8 или 9 години, а тоа е одделението кога во областа што била истражувана се воведуваат првите стандардизирани тестови по математика. Сѐ на сѐ, за математиката се зборувало како за предмет што не е омилен и за кој била потребна премногу дополнителна работа.

- Домашната долго време е прифатена како вежба за зајакнување на учењето на децата и подобрување на академските успеси, но кога е премногу сложена за ученикот да ја напише дури и со помош од родител, тогаш се наметнува прашањето зошто воопшто била дадена како домашна задача - вели Лиса О'Киф од Универзитетот на Јужна Австралија.

Проблемите што биле идентификувани со студијата вклучувале претешки задачи (дури и со помош од родител), како и одложување на времето за спиење, навлегување во времето за фамилијата и предизвикување чувства на несоодветност и фрустрација.

Како и со многу предмети, приодите на предавање и учење математика може да се сменат со текот на времето. Родителите кои како деца биле научени како да решаваат задачи на различни начини од оние на кои се научени нивните деца била уште една фрустрација забележана од истражувачите.

- Како и многу нешта, така и предавањето на математиката еволуира со текот на времето. Но, кога родителите сфаќаат дека нивните испробани методи се различни од оние на кои ги учат нивните деца, може да има тешко приспособување и тоа може да додаде притисок - вели О'Киф.

Сето тоа може да доведе до негативност кај генерациите, велат истражувачите. Мајките кои биле вклучени во студијата генерално биле поодговорни во помагањето со домашните задачи на децата и кога задачите се тешки и за нив, тоа може да наметне негативни стереотипи дека математиката не е предмет за девојчиња, велат авторите на студијата.

Други студии покажуваат дека ваквите негативни стереотипи може да имаат долготрајно влијание врз нивните оценки и аспирации во кариерата.

Иако за студијата биле испитувани мал број учесници, истражувачите велат дека резултатите од неа се совпаѓаат со честите наративи во образованието. Тие сакаат да се преземат повеќе нешта за осигурување дека домашните по математика се зададени на соодветен начин и дека тоа нема да заврши така што кај децата уште од мали ќе се создаде одбивност кон предметот.

Истражувањето е објавено во „Бритиш џурнал оф сосиолоџи оф еџукејшн“.

Извор: Science Alert
Фото: Freepik
Подготвил: Билјана Спиркоска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука