X
 29.08.2018 Живот

Како еден математички гениј успеал да го изигра системот и 14 пати да добие на лотарија?

Во 60-тите години романскиот економист Стефан Мандел едвај врзувал крај со крај.

Тогаш дошол до необично решение за своите грижи - да освои лотарија. Но, додека за повеќето луѓе лотариската добивка е сон што се базира на среќа, Мандел имал други идеи.

Имено, овој математички гениј во слободно време ја проучувал теоријата на Фибоначи за веројатноста, па така создал „алгоритам за одбирање броеви“ што бил заснован на методата наречена комбинаторна кондензација.

Со оваа метода Мандел можел да предвиди пет од шест броја што ќе победат - па бројот на можни комбинации се сведува на илјада наместо на милион. Тој со група пријатели купил голем број ливчиња и ги искористил сите можни комбинации. Ја освоил најголемата награда, вредна повеќе од 16.000 евра.

Откако ги покрил трошоците, му останале доволно за да ги подмити луѓето што му помогнале да избега од романскиот комунистички систем и да се пресели во Австралија, каде што со сопругата и двете деца започнал нов живот.

Но, неговите добивки само што почнале - 14 пати добил на лотарија без да прекрши ниту еден закон.

Откако се сместил во Австралија, сфатил дека во некои извлекувања цената на купувањето ливче со сите можни комбинации е многу помала од џек-потот. На пример, ако извлекувањето на броевите било од 1 до 40, би постоеле 3.838.380 можни комбинации на броеви. Ако џек-потот бил 10 милиони долари, а ливчето 1 долар, Мандел би заработил многу.

Се разбира, имал уште неколку препреки - да собере капитал за ливчињата, а потоа да ги пополни сите. Во тоа време работел како агент за продажба на осигурување, а слободното време го користел за убедување на инвеститорите заедно да инвестираат и да го изградат таканаречениот лото-синдикат.

Исто така, измислил и систем за автоматизација со компјутери и печатачи, користејќи го алгоритмот за пополнување ливчиња автоматски, со сите комбинации на броеви. Во текот на 80-тите години синдикатот чекал да порасне џек-потот пред да купи илјада ливчиња.

Групата освоила 12 лотарии и стотици илјади помали награди низ Австралија и Велика Британија.

Но не било сѐ толку блескаво. Профитот не бил доволно висок, а Австралијците на крај го сфатиле нивниот план, па ги промениле правилата - забраниле печатени ливчиња и купување во голем број.

Но, Мандел имал план Б. Со профитот што веќе го имал одлучил да пронајде лотарии во САД кои имале џек-пот најмалку три пати поголем од бројот на сите можни комбинации.

„Вирџин лотери“ била идеална за тоа. Броевите биле само од 1 до 44, што значи дека бројот на сите можни комбинации бил за милион помалку отколку во другите игри. Тогаш ја отворил компанијата „Пацифик фајненшл ресорсес“, а под неа развил лото-фонд. Убедил илјада инвеститори да вложат и собра милион долари.

Во февруари 1992 година „Вирџин лотери“ имала џек-пот од 27 милиони долари. Мандел во тоа време веќе имал 16 вработени, кои во период од три месеци испечатиле седум милиони ливчиња и ги испратиле во САД. Синдикатот го освоил џек-потот, заедно со речиси милион долари секундарна награда.

И додека методата на Мандел не била нелегална, подигнала сомнежи, па тој се нашол во четиригодишна правна битка. Во текот на тој период го истражувале многубројни меѓународни агенции, меѓу кои и ЦИА и ФБИ.

На крај бил ослободен од секакви обвиненија. Но, додека тој освојувал милиони, неговите инвеститори добивале 1.400 долари од 4.000 долари влог - далеку помалку од богатството што им било ветено.

Во 1995 година Мандел банкротирал, а во еден момент поминал 20 месеци во затвор во Израел поради измама на инвеститори. Денес живее во Вануату.

Во меѓувреме, сите американски држави го забраниле користењето на неговите стратегии.

Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот