„Ориент експрес“ несомнено е еден од најпознатите возови во историјата. Луксузната железничка линија која функционирала 121 година ги поврзувала Париз и Истанбул и до ден-денес останува симбол на удобно патување, бавно и елегантно. Сите градови на нејзината траса имале корист од линијата.
Оваа година голем интерес предизвика веста дека „Ориент експрес“ се враќа во 2024 година и дека повторно ќе патува од Париз за Истанбул, но по малку поинаква маршрута. Ова е идеална можност да се потсетиме на сите интересни факти и историски интриги кои се поврзуваат со тие два збора повеќе од еден век.
Било планирано возот да се претвори во луксузен хотел
Првиот „Ориент експрес“ бил развиен од белгискиот инженер Жорж Нагемлакерс, инспириран од развојот на железничкиот транспорт што го видел на своето патување во Америка. Тој бил особено импресиониран од делот за спиење во возовите и бил решен да направи нешто слично по неговото враќање во Европа, со тоа што својот воз го замислил како најлуксузниот хотел, место на гламур и уживање. И успеал во тоа по неколку неуспешни обиди и тешки преговори со националните железнички компании. Возот го почнал своето прво патување на 4 октомври 1883 година. Во него имало 40 патници, а патувањето траело 13 дена.
Меѓу првите патници имало многу новинари кои го смислиле името „Ориент експрес“
Меѓу тие први патници имало многу новинари, донесени да ги информираат читателите за „неверојатната декорација“, „удобните столчиња“, „волнените навлаки на креветите“, „совршената храна во ресторанот“... Овој маркетиншки потег успеал, а европската елита побрзала да резервира место на следните поаѓања. Токму новинарите се заслужни за името на возот. Компанијата на Нагемлакерс се викала „Compagnie Internationale des Wagons-Lits“, така што името не било ништо посебно. Кога почнале да пишуваат за новиот воз, новинарите го нарекле „Ориент експрес“, иако од Ориент на маршрутата била само крајната дестинација, тогашен Константинопол. Името му се допаднало на инженерот, го прифатил и „Ориент експрес“ влегол во историјата.
Целото патување од Париз до Истанбул можело да се резервира само еднаш годишно
Иако најпознатата линија е од Париз до Истанбул, возот сообраќал и на пократки релации меѓу европските градови Берлин, Прага, Виена... Нивното класично и најпознато патување до тогашниот Константинопол всушност било доста тешко да се резервира и секој можел да го направи тоа само еднаш годишно. Трасата на најпознатата линија не била секогаш иста, се менувала на неколку години.
Патниците јаделе во ресторан, имале греење, ладење, но не и туш
Иако во времето кога возот бил пуштен во употреба патувањето било многу покомплицирано од денешното, а технологијата била на попримитивно ниво, на патниците ништо не им недостигало. Печките на јаглен биле одговорни за греење, секоја кабина имала мал радијатор, а за ладење секоја кабина имала вентилатор и прозорци кои можеле да се отворат. Иако имало тоалети и мијалници, интересно е тоа што во возот немало тушеви.
Фото: Instagram
Возот им бил омилен на шпионите во периодите пред и по светските војни
Некои историски извори наведуваат дека возот бил омилен и меѓу шпионите, поради што го добил и прекарот Шпионски експрес. Тие патувале многу, а оваа линија им овозможила да го направат тоа побрзо, поефикасно и подискретно. Меѓу споменатите шпиони е и Англичанецот Роберт Баден Пауел, кој се претставувал како научник кој ги проучува пеперутките. Излегло дека неговите сложени скици на облиците и боите на крилјата на пеперутката всушност биле шифрирани претстави на утврдувањата што ги забележал во далматинските градови, што подоцна се покажало како голема помош за британската и италијанската морнарица.
По престанувањето со работа, вагоните биле распродадени на аукција, а подоцна најдени благодарение на „Јутјуб“
Линијата работела до 1977 година, но во тоа време побрзиот транспорт со автомобил и авион станувал сè подостапен, а потребата за луксузна и бавна железничка линија станувала сè помала. „Ориент експрес“ престанал да работи и неговите вагони подоцна биле продадени на аукција. Возот повторно бил оживеан во 70-тите години. Едната линија возела од Лондон до Венеција, а другата од Цирих до Истанбул. Во 2009 година биле исклучени и тие линии.
Местото на оригиналните вагони на „Ориент експрес“ било непознато со години, додека истражувачот на индустриската историја Артур Метал не ги откри во видео на „Јутјуб“. Го препознал името на полската железничка компанија „Малашевице“, проверил на „Гугл мапс“ и ја утврдил точната локација на границата меѓу Полска и Белорусија. Следувале преговори, биле откриени многу вагони кај швајцарскиот сопственик кој управувал со турите до 2009 година, а конечно во 2018 година сè било купено од хотелската компанија „Акор“, која најави заживување на легендарната линија во 2024 година.
Извор:
Putnikofer.hr
Фото:
Instagram