X
 28.08.2022 Живот

Психологијата и криминалот: Што претставува Стокхолмскиот синдром и како грабеж на банка го предизвикал овој термин?

Пред 50 години, по шестдневната опсада на банката, бил измислен терминот Стокхолмски синдром. Што е тоа и зошто често се користи за време на заложнички кризи?

Повеќето луѓе го знаат поимот Стокхолмски синдром по многуте познати случаи на киднапирања и заложнички кризи во кои обично се вклучени жени.

Овој термин најчесто се поврзува со Пети Херст, наследничка на калифорниски новинарски магнат, која била киднапирана од револуционерни милитанти во 1974 година.

Таа наводно почнала да сочувствува со киднаперите и им се придружила во грабежот.

На крајот била фатена и осудена на затворска казна.

Но, нејзиниот адвокат Бејли тврдел дека на 19-годишната девојка ѝ бил испран мозокот и таа страдала од Стокхолмски синдром - термин кој бил измислен релативно неодамна за да ги опише навидум ирационалните чувства што заложниците ги имаат кон нивните киднапери.

Неодамна овој термин беше искористен во медиумските извештаи за случајот на Наташа Кампуш.

Кампуш, која била киднапирана како 10-годишно девојче од Волфганг Приклопил и држена во подрум осум години, наводно плачела кога слушнала дека нејзиниот киднапер умрел и запалила свеќа за него додека лежел во мртовечницата.

Иако терминот е широко користен, инцидентот што доведе до неговото потекло останува релативно непознат.

Надвор од Шведска, многу малку луѓе слушнале за имињата на банкарските службеници Брижит Лунблад, Елизабет Олдгрен, Кристин Енмарк и Свен Сафстром.

На 23 август 1973 година четворица биле земени како заложници во „Кредитбанкен“ од 32-годишниот криминалец Јан-Ерик Олсон, кому подоцна во банката му се придружил поранешен колега од затвор. Шест дена подоцна, кога завршила опсадата, станало очигледно дека жртвите почнале да развиваат некаков позитивен однос кон нивните киднапери.

1
Фото: Screenshot/YouTube

Токму оттаму произлегол терминот Стокхолмски синдром.

Случајот на Патриша Херст

Пети Херст, тогаш 19-годишната внука на медиумскиот магнат Вилијам Херст, била киднапирана во 1974 година од членовите на малку познатата група Симбионска ослободителна армија (СЛА), кои ја држеле како заложник. Наводно тие ја убедиле да ги прифати нивните идеи.

Во април истата година надзорните камери ја снимиле како ѝ помага на оваа група да ограби банка.

Била во бегство, но подоцна била пронајдена и уапсена од ФБИ и осудена на 7 години затвор, но била ослободена откако одлежала 3 години. Во јануари 2001 година била помилувана од тогашниот американски претседател Бил Клинтон.

2
Фото: Screenshot/YouTube

Терминот наводно го измислил криминологот и психијатар Нилс Беџерот. Психологот д-р Фенк Озберг бил заинтригиран од овој феномен и го дефинирал за ФБИ и Скотланд јард во 70-тите години. Во тоа време тој ѝ помагал на американската Национална оперативна група за тероризам и немири за подобра стратегија во заложнички ситуации.

Неговите критериуми го вклучувале следното:

- Првите луѓе доживуваат нешто страшно што се случува од ведро небо. Тие се сигурни дека ќе умрат. Потоа доживуваат инфантилизација кога, како дете, не можат да јадат, да зборуваат или да одат во тоалет без туѓа дозвола. Мал чин на љубезност, како што е примањето храна, ги води до примитивна благодарност за дарот на животот. Заложниците развиваат силно, примитивно позитивно чувство кон нивниот киднапер. Тие замижуваат пред фактот дека оваа личност ги ставила во таква ситуација. Во нивните глави мислат дека тоа е личноста која ќе ги остави да живеат - објаснува тој.

Но, тој вели дека случаите на Стокхолмски синдром се всушност многу ретки.

Што се случувало во банката во Стокхолм што ги натерало заложниците да развијат позитивни чувства кон киднаперите и покрај тоа што се плашеле за своите животи?

- Тоа е еден вид контекст што се појавува кога сите ваши вредности и моралот што го имате некако се менуваат - објаснува Кристин Енмарк, една од заложничките.

2
Фото: Screenshot/YouTube

Енмарк развила најблиска врска со киднаперот Олсон. Подоцна имало дури и неточни информации дека се свршиле.

Во телефонски разговор од трезорот на банката со премиерот на земјата, Улоф Палме, Енмарк молелa да ѝ дозволат да ја напушти банката со киднаперите.

Едно од барањата на Олсон било автомобил за бегство во кој планирал да побегне со заложниците. Властите одбиле.

Кажувајќи му на Палме дека е многу разочарана од него, Енмарк рекла:

- Мислам дека си седите таму и се коцкате со нашите животи. Целосно им верувам на Кларк и на крадецот. Не сум очајна. Ништо не ни направија. Напротив, беа многу љубезни кон нас. Но, знаете, Улоф, најмногу се плашам дека полицијата ќе нападне и тоа ќе доведе до нашата смрт - му рекла таа.

Американскиот новинар Даниел Ланг ги интервјуирал сите учесници во драмата една година подоцна за „Њујоркер“. Тој на најдетален начин ја прикажал интеракцијата меѓу киднаперот и киднапираниот.

Заложниците зборувале за тоа колку добро Олсон се однесувал со нив и во тоа време се чини дека верувале дека им го должат животот на двајцата криминалци, напишал тој.

2
Фото: Screenshot/YouTube

Во една пригода на клаустрофобичната Елизабет Олдгрен ѝ било дозволено да го напушти трезорот, кој за нив бил затвор, но само со јаже врзано околу вратот. Таа тогаш рекла дека мислела дека е „многу великодушно“ од Олсон да ѝ дозволи да се движи низ просториите на банката.

Сафстром раскажал дека дури се чувствувал благодарен кога Олсон му рекол дека планира да пука во него - за да ѝ покаже на полицијата дека е сериозен во неговите намери - но додаде дека ќе внимава да не го убие и дека ќе му дозволи прво да се напие нешто.

- Кога добро се однесуваше со нас, гледавме на него како на некој вид бог - додал тој.

Стокхолмскиот синдром најчесто се користи за објаснување на амбивалентните чувства на заробениците, но дури и чувствата на киднаперите се менуваат.

Олсон на почетокот на опсадата изјавил дека можел „лесно“ да ги убие заложниците, но тоа подоцна се променило.

- Виновни се заложниците. Тие правеа сѐ што ќе им кажев. Зошто никој од нив не ме нападна? Ми направија да ми е тешко да ги убијам. Нѐ натераа да живееме ден за ден, како кози, во сета таа нечистотија. Не ни остана ништо друго освен подобро да се запознаеме - изјавил Олсон.

Мислењето дека сторителите можат да изразат позитивни чувства кон заложниците е клучен елемент на Стокхолмскиот синдром кој преговарачите во заложничките кризи се охрабруваат да го развијат. Ова може да ги зголеми шансите за преживување на заложниците.

Но, иако Стокхолмскиот синдром долго време се изучува на курсевите за полициски преговори во заложнички кризи, тој ретко се среќава на терен, вели Хју Мекгован, кој поминал 35 години во полициската управа во Њујорк.

Мекгован бил главен офицер и главен преговарач на тимот за преговори за заложници, основан во април 1973 година, по серијата киднапирања во 1972 година - грабеж на банка што го инспирирал филмот „Кучешко попладне“, бунтот што завршил насилно во затворот во Атика во Њујорк и масакрот на Олимпијадата во Минхен.

- Дури ми е тешко да признаам дека синдромот постои. Понекогаш на полето на психологијата луѓето бараат причина и последица онаму каде што не постојат. Ситуацијата во Стокхолм беше уникатна. Се случи во време кога заложничките ситуации почнаа да се случуваат почесто и луѓето можеби не сакаа да се справат со нешто што може да се повтори - објаснува тој.

Тој признава дека терминот добил популарност делумно поради вкрстувањето на психолошкото и полициското поле во полето на преговорите за заложници.

Не постојат широко прифатени дијагностички критериуми за идентификување на синдромот, кој е познат и како зближување среде терор или зближување преку траума и не се наоѓа во ниту еден од двата главни психијатриски прирачници - „Дијагностички и статистички прирачник за ментални нарушувања“ и „Меѓународна статистичка класификација на болести и сродни здравствени проблеми“ (МКБ).

Но, принципите што стојат во основата на идејата за тоа како функционира може да се поврзат со различни ситуации, тврдат некои психолози.

- Класичен пример е семејното насилство, кога некој - обично жена се чувствува зависна од партнерот, а потоа упорно останува со него - вели психологот Џенифер Вајлд, главен клинички психолог на Универзитетот во Оксфорд.

- Таа можеби чувствува повеќе сочувство отколку лутина. Злоупотребата на децата е уште една таква ситуација - кога родителите ги малтретираат децата емоционално или физички, но детето е заштитнички настроено кон нив и не зборува за тоа или лаже за тоа - додава д-р Вајлд.

Во интервју за „Гардијан“ во 2010 година Кампуш ја отфрли ознаката за Стокхолмски синдром, објаснувајќи дека не ги зема предвид рационалните избори што луѓето ги прават во одредени ситуации.

- За мене е многу природно да се приспособам за да се идентификувам со киднаперот, особено ако поминувате многу време со таа личност. Суштината е во емпатијата, комуникацијата. Потрагата по нормалност во криминалот не е синдром. Тоа е стратегија за преживување - вели таа.

Извор: ВВС
Фото: Screenshot/YouTube
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот