Еден месец целосно бесплатен престој е планот со кој германскиот град Герлиц сака да привлече нови граѓани.
Сместен во сојузната покраина Саксонија, на границата со Полска, овој град со околу 56.400 жители решил по примерот на други европски градови на Германците, но и на странските државјани да им ја понуди својата верзија на популарните поттикнувања за преселување.
Градот не бара ништо за возврат од луѓето и покрај обезбеденото бесплатно сместување кое на потенцијалните кандидати им се нуди на еден месец. Поточно, ако по еден месец решат да се иселат, тие слободно можат да го направат тоа без враќање на вложените
средства.
Иако Герлиц, поради зачуваното историско јадро, годишно го посетуваат повеќе од 140.000 туристи, градот мака мачи со иселувањето уште од падот на Берлинскиот ѕид.
Со оглед на тоа дека градот веќе почна со новиот проект, од градската управа истакнале дека досега добиле 150 пријави. Од нив дури две третини биле од поголемите германски градови, додека останатите се од соседните земји. Освен европски, властите добиле и неколку пријави од САД.
Инаку, во последниов период слична политика за привлекување жители користеа многу градови во Италија, Грција, Канада и Турција. Трендот се следи и во САД. Еден град во американската сојузна држава Оклахома на експертите за ИТ-бизнис им нуди дури 10.000 долари за да се преселат.