X
 20.11.2018 Живот

Германија подготвува закон за поедноставно протерување на илегалните мигранти

Германија планира закон кој би овозможил побрзо и поефикасно протерување на лицата што илегално престојуваат во земјата, а министерот за внатрешни работи на оваа земја, Хорст Зехофер, ја отвори и можноста за протерувања и во Сирија. Тамошното министерство за внатрешни работи, како што пренесува германски „Билд“, планира нов закон кој би содржел мерки за полесно протерување на лицата што се обврзани да ја напуштат Германија.

Меѓу тие мерки има и една според која на лицата на кои им е одбиено барањето за останување во Германија би биле должни да пријават ако не ја минат ноќта на пријавеното место за престој. Многу обиди за протерувања на лица што мора да ја напуштат Германија пропаѓаат поради тоа што лицето не се наоѓа на местото за престој кога ќе пристигне полицијата.

Потоа, подносителите на барања за азил својата пошта би можеле да ја земаат само со помош на чип-картички, со што би можело да се докаже дека ја примиле и одлуката за протерување од земјата. Авиокомпаниите би издавале карти без внесено име, така што тие би можеле да се променат и за други патници во случај лицето што првобитно требало да биде протерано да не биде пронајдено на наведената адреса.

Германското МВР ја демантира содржината на документот објавен од страна на „Билд“, но соопштено е дека моментално интензивно се работи на закон за олеснување на протерувањето. Зехофер, во меѓувреме, ја прифати иницијативата на некои сојузни покраини кои се залагаат за протерување на криминалци и во Сирија.

- Моментално интензивно ја испитуваме можноста за протерување криминалци и лица од кои има закана за опасност во Сирија - истакна Зехофер минатата недела.

Конечната одлука за тоа прашање би требало да биде донесена кон крајот на ноември на состанокот на министрите за внатрешни работи на сојузните покраини.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот