X
 28.10.2020 Здравје

Боледување или отсуство од работа поради Ковид-19: Кој плаќа?

Какви се правилата доколку некој отсуствува, а чека термин за тестирање или, пак, има докажан Ковид-19, или бил во контакт со заразен

Кога и под кои услови вработените можат да го користат правото на боледување во ситуации поврзани со Kовид-19? Со зголемување на бројот на заболени се зголемува и бројот на граѓани што прашуваат дали и во кои случаи им следува платено отсуство или боледување од работа доколку отсуствувале поради коронавирус. Какви се правилата доколку некој отсуствува, а чека термин за тестирање или, пак, има докажан Ковид-19, или бил во контакт со заразен и на чиј товар ќе биде отсуството, прашавме во Фонд за здравствено осигурување.

Освен граѓаните, нецелосно информирани се и фирмите, па ги советувале вработените отсуството од работа додека го чекаат резултатот од тестирањето да го покријат со денови од годишниот одмор.

Препораките наложуваат при сомнеж за можна зараза од коронавирус, во периодот на изолација или самоизолација, до добивање на тестот, а и при прележување на болеста да не се воспоставуваат контакти, а тоа значи и реална спреченост за работа.

Последниве две недели бројот на позитивни случаи постојано расте и нивниот број на дневно ниво достигнува до 500 лица, па така речиси и да нема човек што изминатите денови во неговото опкружување нема познат кој е позитивен на коронавирусот или, пак, бил во некаков контакт со заболено лице. За жал, не е мал ни бројот на смртни случаи.



Што велат правилата?

Право на боледување за вработени што имаат симптоми и се заболени од Ковид-19

Вработените лица што имаат симптоми и се заболени од Ковид-19 ќе го остварат своето право на надоместок на плата во текот на привремената спреченост за работа согласно член 13, став 1, точка 1 од Законот за здравственото осигурување, односно избраниот лекар ќе им издаде ИСР-образец врз основа на болест. Надоместокот на плата за првите 30 дена спреченост за работа го утврдува и исплатува работодавецот од своите средства, а над 30 дена Фондот.

На осигурениците што се заболени и имаат симптоми на Ковид-19, а се следат и лекуваат во домашни услови, во изолација, избраниот лекар може да им издаде боледување до 20 дена, по претходно мислење од Првостепената лекарска комисија, доколку последователно три дена немаат симптоми. Боледувањето над 20 дена се продолжува додека не се исполни условот од три последователни дена без симптоми. Имено, матичните лекари ги испраќаат заболените со симптоми за кои е потребно боледување подолго од 15 дена на Првостепена лекарска комисија, која издава решение со кое се продолжува боледувањето.

На осигуреници заболени од Ковид-19 што биле на болничко лекување, по излегување од болница избраниот лекар може да им издаде боледување согласно критериумите, по претходно мислење од Првостепената лекарска комисија.

Од Фондот објаснуваат дека за оние што се во изолација поради симптоми на Ковид-19, а подоцна се утврди дека се заразени (тестот не бил веднаш направен) матичниот има право да им отвори ретроактивно боледување за онолку денови колку што биле дома.

Остварување право на боледување на вработени лица што немаат симптоми, а се заболени од Ковид-19

Вработените лица што немаат симптоми, а се заболени од Ковид-19 ќе го остварат своето право на надоместок на плата за време на привремена спреченост за работа согласно член 13, став 1, точка 9 од Законот за здравственото осигурување. Тоа значи дека избраниот лекар ќе издаде ИСР-образец врз основа на изолираност заради спречување зараза, за што надоместокот на плата за првите 30 дена спреченост за работа го утврдува и исплатува работодавецот од своите средства, а над 30 дена Фондот.

На осигурениците заболени од Ковид-19 што немаат симптоми или се со лесна клиничка слика, за кои не треба болничко лекување и се следат во домашни услови, во изолација, избраниот лекар може да им издаде боледување до 10 дена.

Потврдата дека осигурениот е оздравен (асимптоматски или симптоматски, соодветно според алгоритам) ќе ја дава (обележува во систем) епидемиолог од соодветниот Центар за јавно здравје, а врз основа на податоците што секојдневно ги внесуваат матичните лекари за осигуреници кои се на домашно лекување. Тоа значи дека процесот е автоматизиран и се базира на евиденцијата на матичниот лекар, но дали осигуреникот ќе се смета за оздравен, одлучува епидемиологот.
Епидемиолошката служба генерира сумиран извештај за дневно оздравени пациенти во „Ексел“ со податоци за нив, кој го доставува до Државниот санитарен и здравствен инспекторат за ослободување од Решение за изолација на позитивни лица, до МВР за ослободување од домашна посета од страна на униформирано лице и до Фондот заради остварување право на боледување на осигуреникот.

Право на боледување на вработени што се во изолација (карантин) за да се спречи зараза бидејќи дошле од ризични земји или биле во контакт со заболено лице, но за нив не е потврдено дека се заболени од Ковид-19

На вработените што се во изолација (карантин) заради спречување зараза бидејќи дошле од ризични земји или биле во контакт со заболено лице, но за нив не е потврдено дека се заболени од Ковид-19, избраниот лекар не им издава боледување.
Осигуреникот е во изолација во домашни услови (карантин), согласно решението од Државниот здравствен и санитарен инспекторат, каде што е наведен периодот на самоизолација.
Во ваков случај вработениот добива целосна плата од фирмата, објаснуваат од Фондот.

Фото: Борче Поповски
Подготвил: Радмила Заревска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Здравје