X
 28.10.2021 Здравје

Ковид-19 и психички симптоми

Пандемијата на ковид-19 претставува глобална криза која покрај тоа што го загрозува физичкиот интегритет на луѓето, заедно со воведените мерки на изолација неминовно го погодува и менталното здравје на луѓето


Од декември 2019 година новата коронавирусна болест (ковид-19) се прошири од Вухан во другите градови во Кина, а потоа и на останатиот дел од светот. Во март 2020 година СЗО прогласи пандемија на ковид-19. Востановени се стратегии за спречување на ширењето на болеста кои покрај хигиенско-санитарните мерки опфаќаа и карантин на луѓето и социјално (т.е. физичко) дистанцирање.

Пандемијата на ковид-19 претставува глобална криза која покрај тоа што го загрозува физичкиот интегритет на луѓето, заедно со воведените мерки на изолација неминовно го погодува и менталното здравје на луѓето. Епидемиите никогаш не ја засегаат еднакво целата популација, а нееднаквоста секогаш може да доведе до ширење на инфекциите. Во ризик е општата популација, односно луѓето без историја за ментални нарушувања, кај кои може да дојде до појава на различни облици на кризни ментални нарушувања (од зголемена анксиозност, панични напади, несоница, депресија, па сè до појава на психотични симптоми), но и лицата со дијагностицирани ментални нарушувања, кај кои мерките за спречување на ширењето на вирусот доведуваат до низа неповолни стресогени промени што за последица може да даде влошување на нивните хронични ментални нарушувања.

Стресот претставува одговор на организмот на изложеност на стресни фактори и може да биде причина за појава на разни психопатолошки состојби. Според времето на траење, стресот може да биде акутен или хроничен. Како краен ефект кај хроничниот стрес може да се јават разни анксио-депресивни декомпензации, психосоматски болести или тој може да биде вовед во злоупотреба на психоактивни супстанции. Акутниот стрес може да биде причина за реактивни психози или причина за егзацербација на ендогените психози. Пандемијата на ковид-19 и прогласувањето вонредна состојба, со сите мерки за спречување на ширењето на коронавирусот, по своите карактеристики одговараат на стресогени фактори со екстремно висок потенцијал да предизвикаат разни видови ментални нарушувања.

Психотичните симптоми како важни компоненти на различните видови и облици на психози кои може да се појават во услови на пандемија на ковид-19 (реактивни, симптоматски, токсични), како и егзацербации на хроничните психози, во зависност од клиничката слика, се лекуваат со антипсихотици, антидепресиви, анксиолитици, стабилизатори на расположението, хипнотици, прокогнитивни лекови. Доколку пациент со психијатриско нарушување, без разлика дали се работи за минливо или хронично, е заразен со ковид-19, најчесто користените антивирусни лекови (lopinavir/ritonavir, hlorokin/hidrohlorokin и антибиотици) мора да се користат во комбинација со психотропни лекови, притоа водејќи сметка за нивната меѓусебна интеракција. Со оглед на подносливоста и минималната Р450 интеракција, антидепресивите (циталопрам, есциталопрам и др.), антипсихотиците (оланзапин, арипипразол) и валпроатот можат да се сметаат за безбедни во комбинација со антивирусните лекови. Кај агитираните и вознемирени пациенти (пациенти со шизофренија или друго психотично нарушување или, пак, непсихотични пациенти со делирантна клиничка слика) се препорачува да се користи халоперидол, најчесто во парентерална форма. Од друга страна, не се препорачуваат бензодијазепините поради нивното дејство на центарот за дишење, со оглед на дејството на коронавирусот на респираторниот систем.

Од голема помош и значење кај засегнатите лица во текот на пандемијата на ковид-19 имаат и психосоцијалните и психотерапевтските методи. За лицата што немаат историја за психички нарушувања, а во услови на пандемија и мерките за спречување на ширењето на коронавирусот развиваат одредени психички симптоми, овие методи се прва линија на помош по пат на разни програми, СОС-телефони, социјални мрежи и други видови современи комуникации. Доколку кај овие лица дојде до продлабочување на симптомите, тогаш треба да се размисли за започнување терапија со лекови.

Во достапната литература сè уште има малку истражувања кои би ги потврдиле очекуваните последици од ковид-19 врз менталното здравје, но искуството и достапната литература од поранешните слични епидемии (шпанска треска, САРС, МЕРС…) нè упатуваат на внимателност дека по завршувањето на оваа пандемија може да се очекува епидемија на разни ментални нарушувања.

Пишува: д-р Васко Даниловски, специјалист невролог, ЈЗУ Општа болница-Кичево

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Здравје