X
 28.10.2022 Живот

На автобуските постојки низ Европа никнуваат живи покриви за да им помогнат на пчелите

Помагањето на загрозената популација на пчели (и други опрашувачи) игра голема улога во зачувувањето на нашата кревка животна средина.

Во 2019 година Утрехт, Холандија, трансформира стотици автобуски постојки во засолништа полни со растенија за инсектите. Лестер, Англија, брзо го следеше примерот и ги имплементира постојките за опрашување во нивната климатска иницијатива низ градот во 2021 година. Благодарение на огромниот успех на овие реновирани автобуски постојки, Велика Британија планира да создаде уште најмалку 1.000.

Станиците се наречени „живи покриви“ и „автобуски постојки за пчели“ и се дизајнирани од „Клиар чанел“ во партнерство со еколозите. Исполнети со мешавина од автохтони диви цвеќиња, украсените автобуски постојки ја поддржуваат биолошката разновидност. Случајните минувачи можат да видат шумски јагоди, афион, мајчина душица и диво оригано на врвот на автобуските постојки. Она што можеби нема да го видат е дека овие диви цвеќиња биле специјално избрани за да привлечат различни видови опрашувачи, меѓу кои и пчелите.

Меѓутоа, нивната работа не завршува тука; станиците ја апсорбираат дождовницата и честички во воздухот, намалувајќи го „ефектот на урбаниот топлински остров“ и придонесувајќи за отпорноста на климата. „Клиар чанел“ наведува дека автобуските постојки им помагаат на градовите да станат позелени и посреќни места.



Бидејќи „живите покриви“ се специјално дизајнирани да носат голема тежина, тие не можат само да се додадат на постојните автобуски постојки. Затоа, новите постојки се поставуваат само на места каде што треба да се заменат автобуските постојки.

Со нивните многубројни предности, лесно е да се види зошто овие автобуски постојки брзо се здобија со популарност. По поставувањето ваква постојка во Лестер, беа поставени и други постојки низ градови во Велика Британија како Дерби, Оксфорд, Кардиф, Сандерленд и Глазгов. Минатата година една ваква постојка беше поставена во Брајтон, откако речиси 50.000 луѓе потпишаа петиција.

Плановите на компанијата за вакви автобуски постојки е да бидат поставени и надвор од Велика Британија.

- Ова го гледаме како долгорочен, скалабилен додаток на нашите автобуски засолништа. Би сакале да ги правиме насекаде затоа што позитивните ефекти се неверојатни - вели Стабингс. Овие постојки можат да се најдат во Холандија, Данска и во Шведска, а компанијата планира да направи и во Франција и Белгија до крајот на 2022 година. Тие дури добија барања од земји како Канада и Австралија.


Еден од неколкуте градови што веќе виде позитивни ефекти од автобуските постојки е Дерби. Џо Дерби, извршен директор на „Дербишир вајлдлајф траст“, партнер на „Клиар чанел“ за автобуските постојки во Дерби, истакнува дека претворањето на нешто толку симболично од градскиот живот во видливо, опипливо парче природа е клучна предност.



Извор: Mymodernmet.com
Фото: Instagram
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот