X
 28.11.2018 Живот

Зошто на Русите и на Украинците им е важен Керчкиот Теснец?

Русија заплени три украински брода откако отвори оган врз нив во близина на Крим во неделата. Инцидентот предизвика уште поголем конфликт меѓу двете земји, кој со години има различен интензитет.

Киев ги стави своите сили во целосна борбена подготвеност. Конфликтот се случи во Азовското Море, кое ги „дели“ Украина и Русија.

Киев ја обвини Москва дека се обидува да наметне „де факто“ економска блокада на пристаништата во Азовското Море, што тие го толкуваат како дел од „хибридната војна“ против Украина и го повика Западот на дополнителни санкции против Москва.

Двете земји се во жесток конфликт откако Крим е под контрола на Русија, од 2014 година, откако Русија ги поддржа бунтовниците во Донбас.

Историјата на конфликтот


Дискусиите за контрола на Азовското Море и Керчкиот Теснец, кој ова море го поврзува со Црното Море, не се ништо ново. Тензиите настанале уште во 2003 година за време на првиот претседателски мандат на Владимир Путин.

Оттогаш тензиите биле смирени по билатералната спогодба од 2003 година, со која се предвидува дека двете земји можат слободно да ги користат Керчкиот Теснец и Азовското Море за потребите на комерцијалните превози, при што едните мора да ги информираат другите кога испраќаат воен екипаж.

русија
Фото: АР


Што се случи оваа година?


Оваа година тензиите во регионот станаа пожестоки, кога Украина ја обвини Русија дека упорно ги задржува бродовите на море со цел да ја попречи трговијата. Русија ја обвини Украина за задржување на руските бродови и порача дека контролата на украинските бродови е легитимна и неопходна од безбедносни причини.  

Украинците тврдат дека обемот на трговија во овие пристаништа паднал за 30 отсто откако Русија почнала да ги задржува бродовите. Извозот од Мариуопол опаднал за 6 отсто, а увозот за речиси 9 отсто оваа година, додека извозот од Бердјанск паднал за 12,3 отсто - податоци на кои се повикува украинската страна.

Исто така, Украина се загрижи затоа што Русија во мај отвори мост вреден 3,6 милијарди долари поврзувајќи го Крим преку Керчкиот Теснец. Мостот е премногу низок за одредени бродови да поминат под него, што дополнително ја отежнува трговијата, се жали Киев.

Украина сега распореди повеќе воздушни, копнени, поморски и артилериски сили во таа област и планира да изгради воена база на Азовското Море.

Што се случи во неделата?


Ситуацијата ескалира кога Русија блокира два украински воени чамци и еден брод да не пловат под новиот руски мост што го опфаќа Керчкиот Теснец, каналот што го поврзува Азовското Море со Црното Море на југ.

Нафтениот танкер беше ставен под мостот за да го блокира пристапот на украинските бродови. Еден руски брод од крајбрежната стража употребил оружје за да ги спречи бродовите да поминат, а како што велат руските официјални лица, украинските бродови не реагирале на легалните и законските барања на бродовите и чамците на пограничната служба на ФСБ и на Црноморската флота веднаш да запрат, правејќи притоа опасни маневри. Шест Украинци биле повредени, 2 сериозно, додека 23 биле заробени. Во судирот биле вклучени руски хеликоптери и воени авиони.

Украина излезе со соопштение дека ги почитувале меѓународните поморски закони и договорот од 2003 година, кој наведува дека теснецот и Азовското Море се поделени територијални води.

Што се случува сега?

Украина ги постави своите сили во целосна борбена готовност, а претседателот Петро Порошенко од парламентот побара да ја поддржи неговата одлука за воведување воена состојба.

Воената состојба беше одобрена во период од 30 дена во области кои се најранливи за можен напад од Русија.

Украинскиот претседател изјави дека воена состојба е воведена само во регионите што граничат со Русија, Белорусија и Приднестровие. Воената состојба ќе биде применета во 10 од вкупно 27 региони во Украина и стапува во сила на 28 ноември во 9 часот по локално време.

Но, секој воен договор од Украина ризикува силна реакција од Русија, чија црноморска флота е стационирана во Крим и ја надминува украинската морнарица.

НАТО и ЕУ ги повикаа двете страни да се воздржат и ја повика Русија да го обнови полниот пристап до Азовското Море за комерцијални бродови. Руските политичари го обвинија Порошенко за намерно поттикнување на конфликтот со цел да ја зголеми својата популарност пред изборите во март. Некои украински опозициски политичари шпекулираат дека воведувањето воена состојба е изговор за одложување на изборите.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот