X
 28.11.2019 Наша тема

Хемија не се учи напамет, туку низ експерименти. Затоа нема интерес за науката, вели наградениот средношколец Васил Кузмановски

Преку експериментите се заинтересирав за науката (и хемијата посебно) и мислам дека само објаснување за тоа „како“ и по малку „зошто“ не е доволно. Кога не се знае како изгледа тоа, а само се учат имиња на елементи напамет и како се пресметува количеството на алуминиум во 3 грама прав, се нема никаков интерес за науката, за хемијата во случајов, вели средношколецот од гимназијата „Орце Николов“



Хемијата е негова голема љубов. Средношколецот Васил Кузмановски неодамна го доби признанието „Феникс“ од Општина Центар за постигнување во хемијата. Ученикот од гимназијата „Орце Николов“ вели дека е позитивно изненаден од признанието и дека тоа го поттикнува да работи уште понапорно во сферата на природните науки.

Васил лани го освои првото место на манифестацијата „Денови на науката“ со својот експеримент „Солватирани електрони во течен амонијак“, тогаш како ученик на ОУ „Гоце Делчев“. Со нов експеримент претстојниот викенд тој ќе учествува и на истата манифестација што ја организира Природно-математичкиот факултет во Скопје.


Васил со градоначалникот на Општина Центар

За наука почнал да се интересира од мал.
- Рано научив да читам, а и пред тоа слушав кога родителите, а главно баба ми, ми раскажуваа и објаснуваа. Околу седмо одделение одлучив малку повеќе да се насочам кон некоја наука, па избрав хемија. Причината беше достапноста за експерименти. За поинтересните области од биологијата, како генетички инженеринг, тие се недостапни, а физиката е поматематичка наука, каде што експериментите се само краен чекор на некое истражување, а сами по себе не се многу интересни - вели Васил.



Како мал растел со емисиите „Патувања со Рабробил“ и „Патувања со Рабробус“, детски серии кои ги реализираа неговите родители со продукцијата „Аурипигмент“.
- Во сериите деца патуваа низ време-просторот, а сето тоа благодарение на чичко Наум, научникот кој, меѓу другото, правеше интересни хемиски експерименти. Експериментите беа всушност изведени од проф. д-р Методија Најдовски, кого подоцна го запознав. Така, може да се рече дека тој ми е најголема инспирација за хемијата - објаснува Васил.

Најмногу го интересираат високоенергетски материјали, но вели дека не секогаш е во состојба да работи со нив.
- Многу ја сакам органската хемија и континуирано ја изучувам (од книги и од интернет), но, секако, ме интересираат и (повеќето) други области од хемијата.

На прашањето што најмногу го интересира во хемијата, тој вели:
- Големината. Во една капка вода има околу 6.022 x 10 (на 23-та) молекули, а со реaкциите им се влијае на сите нив одеднаш. Исто така, мали разлики во составот на некои соединенија можат да создадат драстични измени во нивните својства (хлоридниот јон, составен дел на солта, за само еден електрон се разликува од моноатомскиот хлор, „активната состојка“ во царска вода, мешавина од киселини која може да раствори злато, платина, други нереактивни метали и органски материи).



Кузмановски не е задоволен од тоа колку се изведуваат експерименти на училиште.
- Оригинално, преку експериментите се заинтересираа за науката (и хемијата посебно) и мислам дека само објаснување на „како“ и по малку од „зошто“ не е доволно. Кога не се знае како изгледа тоа, а само се учат имиња на елементи напамет и како се пресметува количеството на алуминиум во 3 грама прав, се нема никаков интерес за науката, за хемијата во случајов.

Васил има своја емисија - „Тинтири минтири бум“, во која прави експерименти. Во нивниот избор се грижи да не се (многу) опасни, да се интересни за гледање, да се лесно изводливи и да се на разбирливо ниво зашто, сепак, гледачите се главно деца, а и времето за објаснување е ограничено, објаснува Васил.



Иако е рано за да се одлучи како ќе го насочи своето образование во иднина, Васил вели дека љубовта кон хемијата ќе ја негува, но и дека интересот го проширува на другите природни науки, како биологијата и физиката.
Подготвил: Сребра Ѓорѓијевска / srebra.gjorgjijevska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема