Ново истражување откри неочекуван начин на кој клетките на ракот можат да му избегаат на имунолошкиот систем, што го отежнува ефектот на третманите. Истражувањето, објавено во „Кенсер сел“, објаснува како еден вид смрт на клетките на ракот всушност може да направи туморите да растат побрзо, исклучувајќи ја способноста на имунолошкиот систем да се бори против ракот.
Истражувачите од Центарот за рак „Мофит“ се фокусирале на форма на клеточна смрт наречена некроптоза.
Истражувачите откриле дека кога клетките на ракот умираат на овој начин, тие можат да ослободат молекула наречена интерлеукин-1α. Оваа молекула помага да се создаде средина во туморот што го ослабува имунолошкиот одговор, спречувајќи ги Т-клетките да го нападнат ракот.
- Мислевме дека некроптозата ќе му помогне на имунолошкиот систем да се бори против ракот, но наместо тоа, се чини дека ги влошува работите помагајќи им на туморите да растат. Нашето истражување покажа дека интерлеукин-1α е клучен за овој процес и со негово блокирање можеби ќе можеме да му помогнеме на имунолошкиот систем да ја заврши својата работа - вели д-р Брајан Рафел, член на програмата „Имуно-онкологија“ и главен автор на истражувањето.
Исто така, истражувањето покажа дека интерлеукин-1α се ослободува од клетките на ракот кои реагираат на хемотерапија, што може да објасни зошто некои третмани не функционираат како што се очекуваше да функционираат. Но, постои добра вест: со блокирање на интерлеукин-1α, истражувачите можеа да го подобрат имунолошкиот одговор и да ги направат третманите за рак како хемотерапија и имунотерапија поефикасни кај животинските модели.
- Со блокирање на дејствата на интерлеукин-1α, би можеле да ги направиме сегашните третмани за рак поуспешни. Дополнително, таргетирањето на интерлеукин-1α може да ја намали токсичноста поврзана со хемотерапијата, што значи дека овој пристап може да им помогне на пациентите да одговорат и подобро да ја толерираат терапијата - рече Рафел.
Истражувачите открија дека пониските нивоа на интерлеукин-1α се поврзани со подобри резултати, особено кај пациенти кои биле подложени на хемотерапија.
Ова сугерира дека интерлеукин-1α може да се користи како маркер за да се предвиди колку добро третманите за рак може да функционираат кај различни пациенти.
Извор:
Science Daily
Фото: Freepik