Случувањата во Бања Лука, Босна и Херцеговина, одекнаа во регионот, а апсењето на таткото кој ја бара вистината за смртта на својот син потресе многу граѓани, кои речиси цел ден во вторникот бараа правда во Бања Лука блокирајќи ги улиците и судирајќи се со полицијата.
Момчето поради кое илјадници луѓе се на нозе, Давид Драгичевиќ, беше 21-годишен студент по електротехника од Бања Лука. Роден е на 31 јануари 1997 година, а исчезна ноќта меѓу 17 и 18 март 2018 година откако се оддалечил од домот и тргнал кон центарот на градот.
Родителите му се разведени. Таткото Давор е келнер, борец во војската на Република Српска и воен инвалид, а мајка му Сузана живее и работи во Австрија. Давид има помала сестра, Теодора (13), постар брат по татко му, Дени (26), и помлад брат по мајка му, Андреј (3). Давид живеел со својот татко. Основно завршил во „Јован Цвијиќ“, а средно во електротехничкото училиште „Никола Тесла“. Студирал на Електротехничкиот факултет во Бања Лука, на студиската програма Електроника и телекомуникации. Давид ја посетувал и „ИТ Академи“ во Белград. Тој бил и кантавтор на песната „Клинац у гету“. Зборувал англиски и германски јазик.
Благодарение на неговиот татко, кој девет месеци се бореше да ја дознае вистината за неговата смрт, целиот свет слушна за Давид.
Исчезнувањето на Давид е пријавено во полиција на 18 март 2018 година. Според првичните информации, Давид на 17 март, сабота, во околу 19 часот излегол од дома, а последен пат е виден во неделата изутрина во околу 3:30 часот, кога излегол од ноќниот клуб „Фабрика“. Кога исчезнал Давид носел црна јакна, темносини фармерки и кафеави чевли.
На 22 март родителите на Давид понудија парична награда од 100.000 конвертибилни марки за информација за него, а во потрагата се вклучија и граѓаните. Родителите апелираа да се посвети внимание на пораката што Давид ја испратил таа ноќ, а во која се обвинува 20-годишниот Филип Ќулум ако нешто му се случи на Давид.
На 24 март во околу 11:45 часот телото на Давид е пронајдено на устието на притоката Црквена во реката Врбас, кај тврдината Кастел во Бања Лука.
Со првичната полициска истрага е утврдено дека смртта настанала со давење, но без елементи на кривични дела, за по три месеци, на 28 јуни, обвинителот да даде наредба за спроведување истрага против непознат сторител поради основан сомнеж за убиство.
За тоа е заслужна истрајноста на неговите родители да докажат дека смртта на нивниот син не е случајна. Давид е погребан на 7 април.
Увидот на местото на пронаоѓање на телото на Давид го извршила дежурната окружна јавна обвинителка Билјана Јанковиќ заедно со припадниците на Полициската управа од Бања Лука и во присуство на лекарот по судска медицина Жељко Каран, кој еден ден подоцна извршил обдукција на телото. За обвинител во постапката е избран Далибор Вреќо.
На 26 март полицијата соопшти дека истрагата посочува дека во случајот на смртта на Давид станува збор за несреќен случај и дека тој веројатно паднал во реката Црквена, која потоа го однела до утоката во Врбас, каде што е пронајдено телото.
Началникот на Управата за организиран и тежок криминал во министерството за внатрешни работи на Република Српска, Дарко Илиќ, истакна дека во џебовите на Давид се пронајдени украдени работи од кражбата во една куќа. Тој нагласи и дека од куќата е украден лаптоп, околу 200 конвертибилни марки, мемориски стик, швајцарски нож и клучеви. Точно 180 конвертибилни марки и сè што е наброено, освен лаптопот, се пронајдени кај Давид. Еден ден подоцна е пронајден и лаптопот, на околу 50-60 метри под влезот на Црквена во тунел кај кружен тек во населбата каде што била извршена кражбата.
Според верзијата за случувањата соопштена од страна на полицијата, ноќта кога исчезна Давид, тој во околу 23:30 часот се степал со три лица (Никола Ќулум, Огњен Грујиќ и Страхиња Момиќ) пред кафулето „Мета“, по што се разделиле. Потоа тој отишол во друго кафуле, а околу полноќ во „Фабрика“. Во околу 2:20 часот отишол во кафе-барот „988“, каде што кратко се задржал. Во 2:50 часот е снимен на улицата каде што имало кражба додека јадел печиво. Потоа се појавува и на други снимки, а во 3:42 часот се гледа како тргнува назад кон центарот на градот.
Тогаш, наводно, паднал во Црквена. Исто така, се гледа дека едно лице, за кое има сомнежи дека е Давид, влегува во двор на една куќа во 2:52 часот. Пет минути подоцна влегува еден од сопствениците, а во 3:09 часот и братот на сопственикот. Цели 50 минути видеонадзорот не снимил ништо, а потоа во 3:42 часот се гледа дека од куќата излегува момче кое куца. Така куцајќи, се враќа кон улицата каде што е ограбената куќа, кон компанијата „МК“, во чија близина има мост над Црквена. Против Давид на 28 февруари било покренато обвинение за кривично дело тешка телесна повреда.
Новата обдукција на телото на Давид на 28 март ја врши Ивица Милосављевиќ, началник на Одделот за судска медицина при Институтот за патологија и судска медицина во Воено-медицинската академија во Белград.
Потоа на 10 април е извршена службена потврда за смртта, издадена од страна на Заводот за судска медицина на РС, а во која се наведува дека времето на смртта е 4 часот, на 18 март 2018 година. Како непосредни причини за смртта се наведуваат давење и изливи на крв по главата и по телото, а смртта е карактеризирана како насилна смрт. Следниот ден е направен и записник од патологија, направен од страна на Жељко Каран.
Констатацијата од новата обдукција извршена од страна на Милосављевиќ покажала дека Давид бил жив неколку дена по исчезнувањето. Милосављевиќ во своето мислење истакнал дека смртта била насилна и дека настапила непосредно поради давењето во вода, како и дека телото на покојниот во водата било од два до најмногу четири дена. Исто така, во крвта се пронајдени траги од ТХЦ и ЛСД.
Од 19 април полициската истрага ја води Управата на криминалистичката полиција при МВР на РС, под началништво на Синиша Кострешевиќ, генерален инспектор во полицијата. Нова истрага барал и таткото на Давид. На 28 јуни Окружното јавно обвинителство на Бања Лука издава наредба за спроведување истрага против непознати извршители поради основани сомнежи дека го лишиле од живот Давид.
Во наредбата се наведува дека непознати извршители на 18 март во околу 4 часот во Бања Лука вербално, со бесен и хистеричен глас, го нападнале Давид, кој, плашејќи се за својот живот, бегал од извршителите и паднал низ стрмниот брег на реката Црквена, висок 4,5 метри, во надојдената река, или извршителите го турнале во реката, а по краток временски период откако паднал во водата настапила смртта поради давење.
Во обвинението се наведува дека според резултатите од обдукцијата на Каран и повторената обдукција на Милосављевиќ, како и резултатите и мислењата на тимот вештаци од Загреб, утврдено е дека причина за смртта на Давид е давење во вода.
Нов детаљ во истрагата, дотогаш непознат за јавноста, е изјава на жена која како сведок рекла дека на 18 март во околу 4 часот изутрина ја разбудила врева и кавга која се одвивала надвор. Таа слушнала хистеричен машки глас, кој навредувал и му се заканувал некому. Покрај тој глас, таа слушнала уште два или три машки гласа. Потоа се слушнале два силни трескоти, еден по друг, а потоа звук на кршење на гранки и како нешто да паднало во вода.
Во соопштението на Окружното јавно обвинителство на Бања Лука е нагласено дека дури по доаѓањето на вештаците од Загреб обвинителството било во позиција да донесе обвинителен предлог.
Тогаш се истакнува и дека со сигурност е утврдено дека Давид не е киднапиран, заробен и малтретиран, како што постојано потенцира неговиот татко, не е тепан со шипки, палки од повеќе луѓе, во телото е пронајдено присуство на алкохол, до давењето дошло на 18 март и телото во водата било до 24 март, кога беше пронајдено; во крвта и урината не е докажано присуство на опојни дроги; има лесни телесни повреди кои се утврдени на предната страна на телото, а на грбот нема телесни повреди; телото не паднало од мостот директно во водата без контакт со пречки, туку со пад и лизгање низ стрмнината.
Со голем степен на веројатност е утврден патот по кој се движел Давид. Со спроведување на дополнителни истражни работи се дошло до основани сомнежи дека до давењето дошло на начинот како што е опишано во обвинителниот предлог.
Против двајца полициски службеници е покренато обвинение за кривично дело попречување на доказната постапка. Инженерот по електротехника Ален Кукиќ е притворен за кривичното дело помагање на извршителот по извршеното кривично дело. Притворот не му е продолжен поради непостоење на основани сомнежи.
На 26 март, откако полицијата известува за првичните резултати од истрагата, направена е група на „Фејсбук“ наречена „Правда за Давид“. Истиот ден почнуваат и протестните собири на плоштадот „Крајина“. Родителите на Давид тврдеа дека смртта не е без елементи на кривично дело, туку дека станува збор за убиство. Набрзо беа отворени сметки за собирање парични средства. Главно обележје на протестните собири е пеењето на рефренот од песната на Давид, како и употребата на името „Давидов плоштад“ наместо вистинското име на плоштадот. Протестите се одржуваат секој ден во 18 часот.
Во саботата на 21 април беше одржан голем собир на кој присуствуваа неколку илјади луѓе. Собирот поминува мирно. Потоа има уште два собира на кои одат многу луѓе од сите краеви на Босна и Херцеговина.
Давор Драгичевиќ одреден период дури и спиеше на плоштадот во Бања Лука, каде што направи шатор. Едно време на плоштадот беше паркиран неговиот автомобил, а во посета му одеа и разни припадници на опозицијата. Планинарот Ѓорѓе Раѓен, заедно со останатите жители од куќата во населбата каде што имало кражба, е прозван од страна на таткото на Давид како еден од соучесниците во убиството на неговиот син. Освен него, прозвани се и министерот Драган Лукач, полицискиот директор Дарко Ќулум и началникот Дарко Илиќ и неколку други лица.
Како виновници за смртта на Давид се означуваат припадници на МВР на РС. Во Окружното јавно обвинителство во Бања Лука се поднесени повеќе од илјада пријави против непознати лица, додека во Државната агенција за истрага и заштита се поднесени пријави против 13 лица и тоа главно припадници на полицијата. Од друга страна, некои од прозваните лица поднесоа тужби поради клевета. На собирите се тврди дека припадниците на полицијата го мачеле, силувале и масакрирале Давид.
Ангажиран е и меѓународен адвокатски тим од соседни земји, кој кратко работел на страната на фамилијата на Давид. На собирите се испраќаа и пораки дека нема да има избори ако не се реши случајот. Најавено е и изразување граѓанска непослушност, па и ексхумација на телото на Давид и носење на плоштадот. По изборите, протестот се обединува со опозицискиот „Народен протест“ поради изборните резултати.
На 10 мај е одржана 26. посебна седница на Народното собрание на РС, посветена на случајот. Таткото на Давид има 10-минутно обраќање. Министерот за внатрешни работи Драган Лукач тогаш го соопштува податокот дека Милосављевиќ подоцна се согласил дека Давид може да поминал во водата и повеќе од четири дена, Давид во 2:38 е снимен со камери на банка која се наоѓа во деловна зграда, а во 2:51 со камери на „МК“ во улицата каде што имало кражба. Потоа, тој е снимен со камери на апартманот „Весто“ во 2:52 како влегува во куќата на Ѓорѓе Раѓен и Викторија Банда. Словенечки форензичар потврдува дека станува збор за Давид. Од дворот излегува во 3:42, а во 3:43 повторно е снимен од камера на „МК“ како поминува покрај автомеханичарска работилница и оди во правец на мостот над Црквена, кој е оддалечен околу 20 метри. Министерот нагласува дека не знае што се случило во тие 20 метри, ниту како предметите од куќата дошле во џебовите на Давид, како и дека истрагата е во тек.
Посебната седница завршува со носење 13 заклучоци и одлука за формирање анкетен одбор на чело со еден од лидерите на опозицијата и тогашниот пратеник Бранислав Бореновиќ. Анкетниот одбор подоцна сослушува неколку лица и заклучува дека има основани сомнежи за убиство, но тие заклучоци не се прифатени од страна на собранието на РС.
Министерот Лукач најавува дека ќе поднесе пријави против оние што го клеветеле.
Апсењето на Давор ги крена луѓето на нозе. Иако се чинеше дека собирите се стишиле, дека на плоштадот има сè помалку луѓе, апсењето на таткото на Давид ги врати сите оние што можеби се откажале. Тоа предизвика низа немили случувања, а приведени се и опозициски политичари и уште неколку лица. Исто така, повредени се граѓани и полицаец.
Уапсена е дури и мајката Сузана откако ја прашала полицијата зошто со ленти го оградуваат местото на кое веќе девет месеци мирно се собираат граѓаните и кој го убил нејзиниот син. Сузана подоцна е пуштена и се врати меѓу граѓаните.
МВР на РС неколку дена претходно соопшти дека против Давор и уште 19 лица се поднесени кривични пријави поради собирање пред собранието на 17 декември, за време на одржувањето на посебната седница на која е избрана новата влада на РС.
Тогаш се прозвани министерот за внатрешни работи на РС, Драган Лукач, и челните луѓе од министерството.
Ноќта пред апсењето, таткото на Давид на плоштадот истакна дека тој ден во дворот кај него дошле тројца инспектори за да му врачат покана за сослушување во полицијата поради, како што му објасниле, загрозување на безбедноста, но тој им
одговорил дека веќе нема да им дозволи да влегуваат во неговиот двор.