X
 27.11.2017 Живот

Ужасна приказна за затворот од кој не може да се побегне

Единствениот начин да се излезе од овој затвор е со помош на смртта, со горчина се шегуваат затворениците во најстрогиот руски затвор со поетично – „едгарпоовско“ име – „Црниот делфин“ или официјално – Сојузната казнена установа број 6.

Во тој затвор, лоциран на падините на јужен Урал, својот долг кон општеството го одработуваат најтешките осуденици – сериски убијци, канибали, педофили, психопати и терористи, осудени на најмалку 25-годишна затворска казна, па сè до доживотна затворска казна.

Во Русија на почетокот на 90-тите години беше укината смртната казна, а моментно на доживотен затвор се осудени околу две илјади криминалци. Иако многумина од нив се надеваат на помилување барем во завршната, терминална фаза од своите бедни криминални животи, повеќето ќе излезат од тој затворски деветти круг само со „нозете нанадвор“. На новинарите од руската ТВ-станица „Раша тудеј“ им беше дозволено да ја посетат најчуваната руска зандана и да разговараат со неколкумина затвореници, од кои повеќето поминале над половина живот зад дебелите ѕидови на „Црниот делфин“. Затворот го добил тоа име според скулптурата на делфин што ја изработиле самите затвореници, па сега дури и на главниот влез од затворот стои тој наслов, со скица од два разиграни делфини. Во оваа казнена установа, каде што речиси е вработен по еден службеник на секој затвореник, моментално својата казна ја отслужуваат околу 750 најтешки руски злосторници, кои се одговорни за смртта на околу 4.000 луѓе.

Затворот се наоѓа во гратчето Сол-Илецк, на околу 70 километри оддалеченост од Оренбург (местото каде што е создаден сегашниот светски гигант за дистрибуција на гас – „Газпром“)  на казахстанско-руската граница, на брегот на соленото езеро Развал, каде што е лоциран и популарниот туристички спа-центар. На тоа подрачје постои затвор уште од 1756 година, а главно затворениците биле користени за работа во тамошните солани.

Бизарен детаљ од оваа приказна е фактот што управната зграда на затворот се смета за најубавата градба во Сол-Илецк, па традиционално, младите брачни двојки по церемонијата на венчавката се фотографираат пред ова здание, за среќен брак.

Затворот е карактеристичен по установениот режим на дејствување, така што ниту еден затвореник не го знае планот на градбата. Сè е организирано на начин што затворениците воопшто не знаат ниту како изгледа ниту колкава е величината на тоа здание. Во ќелиите со големина од околу пет квадрати живеат по двајца затвореници, а има и самици. Моментно, во самица е сместен само еден затвореник – Владимир Николаев, канибал кој убил и изел двајца луѓе, за што добил доживотна казна. Во секоја ќелија постои видеонадзор, исто како и во ходниците, работилниците и во дворот.

Во затворот е установена многу висока дисциплина. Будењето е во 6 часот, и сè до вечерта, во 22 часот, затворениците не смеат да легнат на кревет. Во тој период на располагање имаат само стол. Повеќето казненици работат во кројачката и чевларската работилница, и за тоа добиваат минимална плата. Нивните производи се продаваат во еден градски дуќан, а средствата одат на сметката на затворот. Заработката од продажбата на годишно ниво достигнува и до 100.000 долари. Од секоја ќелија може да се види само еден мал дел од небото, но ниту една зграда. Дури и при шетањето во дворот, кое трае по еден и пол час на ден, не можат да се видат околните згради. Стражарите и затворениците не смеат да разговараат за да не развијат „близок однос“, вели заменикот на затворскиот управител, Јуриј Коробов.

Затворениците имаат право по неколку часа на ден да слушаат радио, но и да гледаат телевизија, главно вести и понекој филм, кој не смее да е еротски или трилер. Многумина ја користат затворската библиотека, а најмногу читаат религиозна литература. „Затоа и повеќето со текот на времето се свртуваат кон Бога“, вели Коробов. Иако се работи за многу строг затворски режим за затвореници кои главно немаат голема шанса за враќање на слобода, сепак, обидите за самоубиство се вистинска реткост, па последниот таков обид е забележан пред пет години. Повеќето затвореници уредно и редовно пишуваат молби за помилување.
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот