X
 28.12.2019 Живот

Запознајте го херојот за 2019 година прогласен од Си-ен-ен

Проблем кој девојките и младите жени во западните земји не можат да си го замислат: неодење на училиште, дури и отпишување поради нивните месечни циклуси.

Сепак, дури половина од девојчињата во руралните делови на Етиопија пропуштаат часови од причини поврзани со нивниот месечен циклус - и тоа може да има уништувачки ефект врз нивното образование и остатокот од животот.

Фревеини Мебрахту го посвети својот живот убедувајќи ги девојчињата да останат на училиште, дизајнирајќи менструална влошка за повеќекратна употреба, обидувајќи се да ѝ стави крај на културната стигма околу проблемот. Токму поради нејзиното дело, таа е прогласена за херој за 2019 година од телевизиската куќа Си-ен-ен.

- Не знам што да кажам. Толку сум почестена и благодарна ѝ сум на телевизијата Си-ен-ен. Ова е за сите девојчиња и жени секаде низ светот. Достоинство за сите - рече таа.

Онлајн-гласачите ја избраа Мебрахту за херој на 2019 година. Таа е од Етиопија и студирала хемиски инженеринг во САД - ја дизајнирала и патентирала менструалната влошка за повеќекратна употреба во 2005 година. Таа и нејзиниот тим произведуваат 750.000 вакви влошки годишно во нејзината фабрика во Етиопија. Речиси 800.000 девојки и жени имаат придобивки од нејзиниот производ.

херој
Фото: Printscreen/CNN


Повеќе од 80 отсто од влошките што таа ги произведува им се продаваат на невладини организации што тие ги дистрибуираат бесплатно.

Таа лично знае бидејќи и сама се соочувала со истиот проблем.

- Се сеќавам дека постојано слушав дека е проклетство да имаш месечен циклус... тоа или значеше дека сум подготвена за брак или дека сум лоша - вели таа.

Мебрахту се здружи со непрофитната организација „Дигнити период“ за да ѝ стави крај на стигмата околу проблемот преку држење говори во училиштата и преку учење на девојките и момчињата дека месечниот циклус е природна работа и не е нешто за кое девојчињата треба да се срамат.

- Целта не беше само правење влошки, туку и напад на културниот багаж - вели таа.

„Дигнити период“ дистрибуирал повеќе од 150.000 бесплатни комплети за менструална хигиена купени од фабриката на Мебрахту. Податоците собрани од организацијата покажуваа дека во училиштата посетени од „Дигнити период“ имале 24 отсто повисока посетеност од девојчињата.

Како херој на годината за 2019 година од Си-ен-ен, Мебрахту ќе добие 100.000 долари за проширување на нејзината работа.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот