X
 28.12.2021 Наука

Научниците открија лек што може да ја спречи депресијата

Ако вие или некој близок страдате од депресија, анксиозност или посттрауматско стресно растројство (ПТСД), тогаш знаете дека менталната болест не се лекува со мотивациони фрази или со предлог на добронамерниот пријател да „бидете благодарни за она што го имате“.

Антидепресивите на рецепт спасуваат животи и нема срам да земате лекови што може да ви ги олеснат симптомите. Но, новата класа на лекови што сега се развива може да помогне да се спречи развојот на депресијата. Звучи премногу добро за да биде вистина? Продолжете со читање.

Повеќето научници ќе ви кажат дека нема начин да се спречи ментална болест, но д-р Ребека Брахман, невролог и соработник на ТЕД, работи на тоа да го промени. Во 2019 година Брахман одржа ТЕД-говор во кој воведе нова класа на лекови што таа и една колешка ги откриле, а кои ги нарекоа „алексигенти“. Тие веруваат дека овој нов тип на лекови на крајот може да ги инокулираат луѓето против негативните ефекти на траумата и да ја намалат преваленцата на депресија во општеството.

Откритието на алексигентите

Брахман - соработник на институтот „Џејкобс“ во Корнел Тех и нејзината колешка ги откриле уникатните ефекти на лекот во 2014 година. Тие им дале антидепресив со брзо дејство на група глувци, а потоа провериле дали лекот има долгорочен ефект. Гледајќи дека нема, тие преминале на нов експеримент и користеле неколку од истите глувци.

За време на тестот, Брахман и нејзината колешка на глувците им вовеле стресен фактор кој вообичаено предизвикува депресија. Тогаш се случило нешто неверојатно: глувците кои биле во претходниот експеримент (и добиле антидепресив со брзо дејство) воопшто не развиле депресија.

- На почетокот мислев дека стресот едноставно не функционира, но кога ги анализирав податоците, функционираше како што се очекуваше - освен за една група - изјави Брахман.

- Изгледаше дека тие глувци беа заштитени од стресот што го доживеаја - додава таа.

Таа сфатила дека откритието е револуционерно бидејќи овој лек на крајот може да спречи депресија предизвикана од стрес. Таа го нарече лекот „алексигент“, инспириран од грчкиот термин „алексо“, што значи „да се заштити“.

Како функционира лекот?


Како што забележува Брахман во нејзиниот ТЕД-говор, траумата и екстремниот стрес лесно можат да предизвикаат депресија и ПТСД.

- Денес секој петти војник развива депресија или посттрауматско стресно растројство или и двете. Но, не се само војниците со висок ризик за овие болести. Тука се и пожарникарите, лекарите, пациентите со рак, хуманитарните работници, бегалците, секој што е изложен на траума или голем животен стрес - вели докторката.

Со толку многу луѓе кои се изложени на ризик да развијат ментална болест, изнаоѓањето нови методи на лекување е од клучно значење. Сегашните лекови, истакна Брахман, само ги потиснуваат симптомите. Тоа е она што ги прави алексигентите толку извонредни.

- Овие превентивни психофармацевтски препарати не се антидепресиви. Тие се сосема нова класа на лекови. И тие работат со зголемување на отпорноста на стрес - па да ги наречеме засилувачи на отпорноста. Отпорноста на стресот е активен биолошки процес кој ни овозможува да се вратиме по стресот, слично како ако сте настинати и вашиот имунолошки систем се бори против настинката. И недоволната отпорност наспроти доволно значаен стрес може да резултира со психијатриско нарушување, како што е депресијата - објаснува Брахман.

- Всушност, повеќето случаи на големо депресивно растројство првично се активирани од стрес - додава таа.

Брахмановите „засилувачи на отпорност“, или алексигенти, може да го намалат стресот на повеќе начини. На пример, тие можат да штитат од стрес-хормони и психолошки стресори, како што се малтретирање, злоупотреба и изолација. Оваа нова класа на лекови нема да спречи да се случат трауматски искуства. Сепак, тоа би им помогнало на луѓето да ги надминат тие искуства.

Може да биде потребно доста време пред алексигентите да бидат достапни со рецепт, во зависност од одобрението од Центарот за превенција и контрола на болести на САД и предизвиците на пазарот. Фармацевтските компании можеби не сакаат да произведуваат алексигенти бидејќи тие се лек за еднократна употреба што може да ги исфрли доживотните антидепресиви.

Сепак, Брахман силно верува дека вреди да се бори за овој лек.

- Лековите што ги откривме отвораат можност за сосема ново поле: превентивна психофармакологија. Но, дали тоа е 15 години или 150 години, не зависи само од науката, туку и од тоа што ние како општество ќе избереме да правиме со неа - вели докторката.



Извор: Firstwomen.com
Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука