Кинеските научници клонираа мајмун резус, по серија неуспешни обиди. Ова е првпат успешно да се клонира овој вид, кој со години се користи во научни експерименти поради сличноста со луѓето. Овој успех беше направен на Универзитетот на Кинеската академија на науките, а научниците веруваат дека со овој пробив во науката може да се очекува забрзување на тестирањето на лекови.
Сепак, најновиот успех на научниците ги загрижи групите активисти кои веруваат дека овие цицачи не се само алатки за истражување, туку интелигентни и чувствителни животни. Од Кралското друштво за спречување суровост кон животните сметаат дека не треба да се игнорираат страдањата на животните за луѓето да можат да профитираат од тоа.
- Длабоко сме загрижени за големиот број животни што доживуваат страдање и стрес во овие експерименти кои имаат ниска стапка на успех. Цицачите се многу интелигентни и чувствителни, тие не се само алатка која се користи за истражување - објасни портпаролот на Кралското друштво за спречување суровост кон животните.
Истражувањето беше објавено во списанието „Нејчр комјуникејшнс“, во кое беше објаснето како истражувачите успеале да го клонираат овој вид мајмун. Како што е објаснето, клонирањето било направено на сличен начин како и кај познатата овца Доли, која беше клонирана во 1996 година. Овој мајмун успеал да преживее повеќе од две години, поради што клонирањето се смета за успешно.
Д-р Фалонг од Универзитетот на Кинеската академија на науките вели дека сите биле пресреќни поради успешниот исход на овој проект. Мајмуног се вика Ретро, по научниот метод на замена на трофобласт кој се користел за создавање на животното.
Резус мајмуните живеат во дивините во Азија и се користат во експерименти за проучување на инфекции и имунитет. Првите мајмуни од видот макаки беа клонирани во 2018 година, но медицинските истражувачи ги претпочитаат резус мајмуните поради нивната генетска сличност со луѓето.
Извор:
Vecernji.hr
Фото: Pixabay