Луѓето што во минатото живееле во Македонија биле средно високи. Мажите достигнувале просечна височина од 1,70 метри, а жените околу 1,61 метар
Дали знаете дека денес живееме двојно подолго од нашите предци кои живееле на територијата на Македонија пред 2.000 години? Како изгледале тие, кои биле нивните основни антрополошки карактеристики, колку биле високи, колку долго живееле, како се облекувале?
Првото документарно претставување на жителите на Македонија од 5000 година пред новата ера до 15 век беше претставено пред повеќе од десет години на една интересна изложба во Музејот на Македонија во Скопје. Тогаш првпат беа изложени антрополошки, документарни реконструкции на физичкиот изглед на човекот во минатото преку неговите скелетни остатоци. Со оваа интересна наука долго време се занимава д-р Фаница Вељановска која долго време беше единствениот физичко-скелетен антрополог во земјава. Таа беше и авторка на изложбата „Ликови од минатото: Човекот во праисториските и историските епохи во Македонија“. Денес Вељановска го раководи антрополошкото одделение во Археолошкиот музеј на Македонија.
Според нејзините долгогодишни истражувања и анализи на илјадници скелети од различни историски периоди, може да се заклучи дека луѓето што во минатото живееле во Македонија биле средно високи. Мажите достигнувале просечна височина од 1,70 метри, а жените околу 1,61 метар. Во поставката во Археолошкиот музеј на Македонија има девет портретни скулптури, шест цртежи и комплетни фигури во природна големина со претстава на облеката, накит и оружје од три предисториски периоди (неолит, железно, бронзено време) и два историски - римско време и среден век.
Хронолошки, најстариот претставник на предисториското време во Република Македонија е од средниот неолит. Станува збор за велешкиот локалитет Писта - Ново Село, а станува збор за жена на возраст меѓу 35 и 40 години.
Фото: Screenshot/YouTube
- Неолитското население било со долги и средно долги черепи и не биле многу високи. Има големи сличности со населението од поширокиот балкански простор. Во бронзеното време населението е со кратки и високи черепи, мажите се просечно високи 168 сантиметри, а жените 164 сантиметри. Нема паралели со хомогено население од соседните региони – пишува Вељановска во текстот во водичот на музејот.
Железното време го карактеризира хомогено население кое со своите кратки, високи и широки черепи имаат сличности со доцнобронзенодопското население.
- Железното време е најтешко за живеење на жените, кај кои за две години е забележан пад на просечниот век - 38 години. Поради извонредно високата смртност на децата, вкупниот просечен век паѓа на 33 години – пишува во водичот.
Во римско време се документирани првите поголеми промени на населението, но тие се регионално ограничени.
- Ова било најтешко време за живеење, кога просечниот век на живот паднал дури на 28 години. Влошувањето на животните услови повеќе ги погодило мажите, кои во римско време имаат најкраток просечен животен век - 44 години.
Средниот век донел поголема промена предизвикана од населувањето на Словените. За првпат населението со кратки черепи паѓа под половина од вкупниот број. Телесната височина расте, зголемена е робусноста на телесната градба. Нашето население има сличности со сите средновековни балкански серии препишани од Словените, но и одредени разлики.
- Лицата се пошироки и пониски, а пократките и пошироки черепи ги кријат претставниците на антрополошките типови карактеристични за автохтоното, предсловенско население. Намалената смртност на деца и млади и поголем број луѓе кои живееле подолго од 40 години придонесуваат просечниот животен век да биде продолжен за дури пет години – велат научниците.
Почетокот на антропологијата во земјава почнува во 1983 година во рамките на некогашниот Археолошки музеј на Македонија. Со антрополошките истражувања се реконструираат физичкиот изглед на човекот во минатото, движењето и промените на палеодемографските карактеристики на населението низ време со што се реконструираат животните услови, етногенетските и антропогенетските процеси низ праисториските и историските периоди, како и палеопатолошката слика на човекот во Македонија. Извршена е антрополошка анализа на над 15.000 скелети од стотина археолошки локалитети во целата земја.