X
 29.01.2019 Образование

Како помина на испитот? – Никако, се блокирав

Се подготвувате темелно за испитот, сите информации се чинат поврзани, едноставни и лесно достапни за користење (репродукција). Задоволни сте како сте се подготвиле за испитот. Седнувате на испит, полни со самодоверба, го гледате првото прашање и наеднаш празнина – табула раса. Го гледате второто, третото, четвртото прашање, но залудно...

Што е случува?

Мисловен или ментален блок е психолошка појава која не е така ретка и се карактеризира со ненадеен прекин во мисловниот континуитет и асоцијации. Личноста не може да продолжи со мислите и покрај потсетувањето до каде стигнала со мислите и конверзацијата. Замислете го ова како кога ќе се вклучи блокатор за мобилни – телефонот работи, ама нема мрежа.

Пред да наведеме како да се справиме со него, ајде да погледнеме во неврофизиологијата на оваа појава. Основата лежи во нашиот лимбичен систем, делот од мозокот кој е одговорен за нашето однесување.

Прв на листата е хипоталамусот. Накратко, овој дел од мозокот има силни врски со ендокриниот систем, кој, пак, е одговорен за регулација на хормоните во организмот, во овој случај за нас најзначајните хормони за стрес (кортизолот и катехоламините).

Втора структура по ред е хипокампусот. Супкортикална структура која игра многу важна улога во учењето. Уште посликовито може да го опишеме хипокампусот како „мемориска врата“ низ која мора да поминат сите информации во мозокот, било да „влегуваат“ било да „излегуваат“.

Трета структура е бадемастото јадро (amigdala) - колепката на стравот. Сите преживеани емотивно пребоени содржини се складирани тука, и убавите и неубавите, особено неубавите. Амигдалата има многу силни врски со хипокампусот. Таа постојано ѝ дава боја на тековната информација во хипокампусот, така што може да ја преувеличи („во стравот се големи очите“) или, пак, да ја прими како неутрална, обезбоена од страв, дури и пребоена со пријатна емоција. Амигдалата има многу невронски врски и со хипоталамусот, а особено со префронталната кора, четвртата структура, лоцирана зад очите, која е рационалниот дел од мозокот.

Четвртата структура ги контролира речиси сите нешта што го разликуваат човекот од животинскиот свет (способноста да се манипулира со информациите, контрола на нагоните, донесувањето на одлуките и сл.). Но и кај животните има лимбичен систем со префронтален кортекс во него, кој е послабо развиен од оној кај човекот.

Четирите структури лежат во основата на одговорот на акутниот стрес кај животните и кај човекот, а тоа е реакцијата „борба или бегство“. Префронталната кора е таа што ја проценува ситуацијата и одлучува дали ќе се бориме или ќе побегнеме од напаѓачот. Бегството не мора да биде исклучиво со физичко оттргнување од стресорот (буквално трчање од местото на настанот). Тоа може да биде и парализа, комплетна привремена блокада на сите физички и психички активности. Па, кога сме преплашени, може да останеме без глас, да не можеме да се мрднеме од местото („ми се отсекоа нозете“, не можев да се мрднам“, „смрзнав од страв“) или, пак, да ни се „испразни главата“, да „не знаеме како се викаме“, „ да ни се сврти светот“ или дури да не сме во состојба да препознаеме што гледаме.
Кога учиме во релаксирана и за нас пријатна атмосфера, хипоталамусот го забавува продуцирањето на хормоните за стрес, додека префронталниот кортекс и хипокампусот непречено и смирено „работат“, а амигдалата не е активирана. Оваа состојба е позната како ладна когниција - термин кој служи да се опише логичниот и рационален мисловен процес.

Но, кога ќе се најдеме во непредвидлива и високо стресна ситуација како што е испитот, тогаш влегуваме во состојба позната под името топла или врела когниција - термин кој се користи за да се опише мисловен процес кој е нелогичен и воден од интензивни емоции. Во ваква ситуација под дејство на тригерирачки фактори (активација на амигдалата со што се повикуваат складирани искуства пребоени со интензивен страв) хипоталамусот стимулира секреција на огромно количество на кортизол и норепинефрин, чие дејство (особено на норепинефринот!) врз префронталниот кортекс преку инхибиција на ефективната невронска комуникација и врз хипокампусот преку прекинување на активирачките обрасци (местата во кои се складирани информациите) прави да се појави опишувачката „празнина“. Празнината е бегство, несвесна реакција поттикната од стравот од дадената ситуација, кој и не мора свесно да го чувствуваме.


Како да се справиме со мисловниот блок?

За да знаеме како да се справиме со мисловниот блок, претходно е неопходно да знаеме што го предизвикува, односно кои се тригерирачките фактори. Идентификацијата на тригерот е прв чекор во справувањето со оваа појава!

Постојат огромен број причини во зависност од личноста и карактерот, но најчесто зад мисловниот блок се крие стравот од испит (во чија заднина стои стравот од неуспех), анксиозноста и се разбира тој може да се јави како акутната реакција на хроничниот стрес кој вообичаено е следен со премор и исцрпеност на организмот.

Првата помош во ваква акутна и ненадејна ситуација е да се ДИШЕ! Запомнете: ДЛАБОКИ ВДИШУВАЊА НИЗ НОСОТ И ДОЛГИ ИЗДИШУВАЊА НИЗ УСТАТА. За да го подобрите ефектот на оваа едноставна техника, замислете дека кога издишувате, вие ја „разбиструвате маглата во главата“ која ве попречува да ги видите потребните информации. Ова ќе ве опушти и ќе ви помогне да ја преземете контролата во ваши раце.

Втора постапка е да погледнете нагоре. Иако инстиктивно, природниот одговор на стрес и срам е да се гледа надолу, во вакви ситуации иако на прв поглед изгледа зачудувачки, одговорот е ГОРЕ! Причината зад тоа е што со погледнувањето нагоре се воспоставува конекција со визуелниот мемориски центар.
Доколку и ова не помогне, обидете се да го „заобиколите“ менталниот блок. Најдобро би било со поставување прашања. Прашањата треба да бидат на нешта на кои со сигурност им го знаете одговорот. Започнете со едноставни нешта, па полека движете се кон информацијата што ви е потребна. Оваа техника е позната како „Shadow memory“.

Сите овие техники помагаат да се запре воспоставениот образец на „бегство“ и да се започне обрзаецот „борба“ во справување со прашањата од испитот. Тие се особено корисни при ненадеен мисловен блок, но доколку тој често се повторува, вообичаените техники не помагаат, а вие на испит одите одморени и со доволно хранливи материи во себе, тогаш треба да се погледне подлабоко во причината за тоа, се разбира, со нечиjа помош.
А дотогаш, превенцијата е секогаш најдоброто решение. Таа подразбира здрава исхрана, доволно физичка активност, квалитетно дружење и забава и негување на своите позитивни емоции и на својата самодоверба.

За крај, тимот на Советувалиштето за студенти по медицина ви посакува успешна испитна сесија!

Автори: Мартин Мисаиловски и проф. д-р Сања Манчевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование