X
 29.01.2020 Живот

Австралиски научници развија коронавирус во лабораторија

Научници во Австралија успеаја да развијат коронавирус во лабораторија, што претставува пресврт во глобалната борба против овој вирус, јави австралискиот Еј-би-си њуз.

Овој извонреден потфат ќе им овозможи на научниците да утврдат дали некоја идна вакцина ефикасно ќе дејствува против вирусот, изјавија експерти од Институтот за инфекција и имунитет „Питер Доерти“.

Австралиската станаа втора лабораторија во светот, по една во Кина, што успеа да го развие вирусот. Но, за разлика од Кинезите, кои го објавија „само“ генскиот код на вирусот, тие своето откритие веднаш ќе го споделат со Светската здравствена организација, која ќе го проследи до лаборатории низ светот кои се вклучени во развој на вакцина за коронавирусот.

Научниците го развиле вирусот од пациент кој бил заразен минатиот петок, а екипа на Еј-би-си била во лабораторијата во моментот кога вирусот бил успешно култивиран. Заменикот на директорот на институтот, Мајк Катон, успехот го искоментирал кусо, со три збора:

– Го имаме. Фантастично!

Докторот Катон рече дека ова откритие е од „витална важност“ и оти ќе стане клучен дел во процесот на развивање вакцина, со оглед на тоа што научниците ќе можат да ја тестираат секоја потенцијална вакцина против лабораториската верзија на вирусот.

- Коронавирусот е опасен, убива луѓе, но не е смртоносен, како, на пример, еболата. Но, раната дијагноза е многу важна затоа што на здравствените служби низ светот им дава подобра шанса да го запрат неговото ширење или барем неговата јачина - изјави Катон.

Тој напомена и дека е очигледно оти овој коронавирус е помалку смртоносен од САРС.

- Околу 10 проценти од заразените со САРС починаа, додека во овој случај таа бројка е околу 3 проценти. Јас мислам дека таа бројка всушност е многу помала - заклучи Катон.

Извор: МИА

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот