X
 05.01.2022 Здравје

Што се знае досега за флурона, истовремено заразување со ковид-19 и грип?

Првиот случај на таканаречената флурона, поим за истовремено заразување со ковид-19 и грип, беше регистриран во Израел. Станува збор за млада бремена жена која била хоспитализирана, но имала благи симптоми. Таа не била вакцинирана против грип или ковид-19. Оттогаш, вакви случаи беа потврдени во други земји во светот и во регионот.

Засега малку се знае за оваа состојба. Министерството за здравство на Израел го истражува случајот за да види дали комбинацијата од двата вируси предизвикува потешки симптоми. Од Министерството откриле и дека се забележани многу случаи на грип во последните недели, а во меѓувреме бројот на заразени лица со ковид-19 повторно расте во оваа држава.


Фото: Pixabay

Надав Давидович, член на националниот советодавен комитет за ковид-19 на Израел, изјавил дека ова може да доведе до повеќе случаи на флурона. Според него, експертите се плашеле дека ваквите случаи ќе се појават минатата година, но тоа веројатно не се случило бидејќи владините мерки го спречиле ширењето на грипот. За жал, тоа не е случај оваа година, па затоа здравствените системи и луѓето треба да бидат подготвени, вели тој.

Во меѓувреме, лекарите во САД ги предупредуваат жителите дека тие лесно може да бидат заразени со ковид-19 и грип истовремено. Сима Јасмин, директор на Иницијативата за здравствена комуникација на „Стенфорд“, објаснила дека заболувањето од грип го ослабува телото и тоа може да ви го ослабне имунолошкиот систем и да доведе до полесно заразување со ковид-19.


Фото: Pixabay

Според експертите, луѓето може да се заразат со повеќе од еден вирус истовремено дури и кога нема пандемија. Меѓутоа, не се знае дали ова ги влошува симптомите, иако ризикот за хоспитализација е поголем доколку не сте вакцинирани.

Извори: Euronews | ABC
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Здравје