Една изрека гласи: „Какви родители, такви деца“, па истата изрека важи и во образованието, само што би гласела вака: „Какви наставници, такви ученици“. Прво и основно правило што мора да си го поставуваме во секоја работа, а јас пишувам за образованието, е дека мора да бидеме одговорни кон тоа што го работиме затоа што одиме на работа со некоја цел, односно добиваме платен надоместок за егзистенција и за тоа што го работиме. И тоа треба најсериозно да го сфаќаме. Во последниве години, особено во училиштата, се вработени еден куп неработници, секоја чест на исклучоците, вистинските работници. И не треба многу време за да го согледаме тоа, веднаш се „чита“ нововработениот. Или го бидува или не! Толку! Повеќепати сме кажале дека целиот живот учиме, се надградуваме, односно треба да покажуваме интереси, соработка, меѓутоа, тоа не важи за сите што се во работен однос. Сепак, таа тема ќе ја оставам за некоја следна пригода. Одговорноста е чест и принцип во животот на оној што умее вистински да ја цени и соодветно да ја покажува.
Одговорни наставници – успешни ученици!
Познавам колеги-наставници кои со многу знаења, умеења и вештини споделуваат квалитетно работно искуство со учениците, па и со другите во колективот, и кои никогаш не се штедат да го дадат најдоброто од себе, односно би рекле тие се редок, а стар „ков“ од просветни работници. Токму тие најодговорни колеги треба да бидат пример за сите други. Кога кажувам пример, тука ќе го споменам и кодексот на однесување и дрес-кодот итн. оти денес излегуваме од контрола со некои навики, без притоа да имаме предвид дека работиме со жива материја. На пример, пристојна облека, внимателен и контролиран речник на изразување, воздржаност од пушење цигари пред деца и што не, ете тоа мора да се поправи. Полека бре, троа разум никогаш не е на одмет. Оти како кажуваме: „децата се сунѓер“, нема што не впиваат. Прво се тргнува од личните навики (ако воопшто постојат), кои понатаму се одразуваат на нашата одговорност, да стоиме и да работиме со тој убав и млад свет во кој треба многу да се вложи за да се научи и извади на прав пат од училишните клупи. Не сакам да бидам погрешно разбран, само сакам да кажам дека прво се тргнува од себеси, за потоа да се премине на преостанатото. Ако постои лична одговорност, ќе постои и колективна. А кој друг може да ни кажува како треба да постапуваме ако самите не сме го научиле тоа?! Никој, нормално! Тоа е лична совест и свест. Лекција која еднаш во животот се чита и се применува секогаш, секаде, со секого... Дома си е дома, работата си е работа, па да водиме сметка каков пристап имаме кон училишната работа, би било многу паметно и корисно. Кога одговорноста во работата се покажува на најдобар можен начин, тогаш кај децата ќе постои интерес да соработуваат, односно да напредуваат и да чекорат по патот на истражувања, дилеми, критики, па сѐ до конечниот резултат, кој би донел некаков успех. Тоа уште се нарекува мислење со своја глава, што денес претставува исклучителна реткост. Кога ученикот ќе согледа дека неговиот наставник покажува одговорност да го научи, тој целиот живот ќе може да смета на него, во смисла да му помогне во студирање, во работа итн.
Ете тоа се нарекува стекнување заемна доверба. И така треба! Така најдобро се памти кој те научил, а кој не те научил. Работиме со многу интелигентни ученици, технолошки зависни и напредни, меѓутоа, треба да имаме предвид дека кај секое дете се крие понекој талент и дар, даден од Бог. Нашата одговорност е да го откриеме, нели, тој потенцијал и да му овозможиме поддршка и напредок на ученикот. Така ќе ги бележиме успесите, скалило по скалило, чекор по чекор. Повторувам, дали ќе се однесуваме одговорно или не, зависи лично од нас и од никој друг, нормално, за доброто на децата, на колективот, па и пошироко. Кој разбира - разбира, кој не, нека се потруди да учи и да научи да биде одговорен. Придобивка е, во секој случај.
Може ли кој ќе стигне да работи во образование со деца?
Кратко и јасно, не секој го бидува да биде просветен работник и да работи со деца. За просветарската професија потребна е љубов, а со неа: волја и желба за работа. Тие емоции треба како вруток да извираат од душата и целиот живот да се носат во срцето. Штета која не се поправа е да оставите неписмени генерации, односно генерации кои не ја стекнале навиката за читање, оти од неа тргнува вокабуларот и речникот на изразување, а потоа и другите вештини. Незаинтересираноста за работење лесно се воочува: доцнење на часови, мобилни на часови, народски: тантара-пантара по ходници, кафиња на катедра наместо во кабинет итн. и уште многу други работи кои се одраз на неработење и неквалитет, односно одраз на неработници! Реалноста е таа, не може да се заобиколи. Токму таа штета на денешното образование, а ги има уште многу други штети, не дава/даваат волја за напредок. Не може кој ќе стигне што сака да прави. Ова особено важи за помладите, кои треба да бидат иднина, а не рушевина на образовниот систем. Можеби навистина треба да постојат казни за несериозен однос кон работата. Белки ќе се научиме на строгост и ред во работењето. Напишав погоре во текстот, а ќе повторам: чест на одговорните наставници, колеги, кои ја заслужуваат сета почит и среќа на светов, а јас еве им ја посакувам од срце, оти за нив наставниот час е задоволство, максимално „трошење“, со цел да се пренесе најдоброто за учениците, односно да ги научиме како што треба. И ова го тврдам без исклучок и сомнеж. Како кажуваме: си се познаваме, односно знаеме кој колку работи и што работи, тука дилема нема. На крајот, учениците се најмеродавната и најискрена вистина за тоа од кој час излегуваат со насмевки и знаења, а од кој час би рекле: досадно, ништо не правиме и сл. Оти, учениците се наше, чисто огледало. Нека се вработуваат, меѓутоа, вистински и квалитетни наставници (ако ја сакаат наставната насока и ако воопшто ги има), кои професијата учител, наставник, професор ја носат во душата и живеат со неа, а не колку само да се прошетаат на работа.
Има разлика помеѓу солиден наставник и несолиден наставник. Нека има што повеќе квалитетни и разумни наставници, кои ќе ги личи во професијата што ја работат, кои ќе бидат пример за учениците, за колективот, за општеството, воопшто. Со многу почит кон одговорните, супер наставници!
Автор: Александар Адамовски, професор по македонски јазик и литература и француски јазик