Црвената, жолтата и зелената се боите на семафорите денес, но не било секогаш така. Првиот (и катастрофален) обид за првиот семафор бил на 10 декември 1868 година, што е и официјален датум на создавање на првиот семафор во светот.
Првиот семафор бил пуштен во употреба во Лондон, пред британскиот Парламент, пред автомобилите да излезат на патиштата, а работел на плин. Се состоел од два подвижни знаци прикачени на краци кои се управувале со помош на лост, а бел осветлен на врвот за да се обезбеди видливост и ноќе. Несреќниот семафор не траел долго. По нецели два месеца експлодирал, при што загинал полицаец кој поставувал знаци.
Светот бил подготвен за семафори дури откако струјата станала вообичаена во градовите. Американскиот град Кливленд ја имал честа да стане дом на првиот двобоен семафор кој работел на електрична енергија. Во 1920 година Детроит и Њујорк ја додале жолтата боја помеѓу црвената и зелената.
Во Европа, првиот семафор се појавил во Париз, во 1923 година, Берлин поставил семафори една година подоцна, а потоа и Милано, Рим, Лондон, Прага и Барселона.
Првата конвенција за обединување на патната сигнализација била потпишана во Женева во 1931 година. Целта на ова обединување било зголемување на безбедноста на сообраќајот и олеснување на меѓународното движење по патиштата со единствена сигнализација. Поголемиот дел од знаците што денеска ги гледаме на улиците биле одредени со тој договор, а семафорите со три бои (црвена, жолта, зелена) станале стандард.
Боите на семафорите биле земени од железничкиот сообраќај. Првично, железничките пруги користеле црвена боја за да означат стоп, бела за движење и зелена за претпазливост. Но, белата боја не била добро решение бидејќи се мешала со светлината од ѕвездите навечер. Бидејќи жолтата се разликувала од другите бои, железничките компании ја усвоиле зелената боја како знак за движење и вовеле жолта боја како претпазливост.
Кога станува збор за перцептивноста на боите, црвената има најдолга бранова должина, а потоа се жолтата и зелената. Боите со најдолги бранови должини се избираат за сигнализација бидејќи подолгите бранови должини можат да поминат поголемо растојание. Како резултат на тоа, црвено светло може да помине најголемо растојание при дожд и магла.
Потоа се појавиле и пешачките семафори. На почетокот, имале различна форма: тркалезни, квадратни и правоаголни кои давале инструкции: „оди“ или „чекај“.
Во текот на 50-тите години семафорите често се поставувале хоризонтално, а не вертикално како денес. Била воведена вертикалната поставеност со црвено светло на врвот затоа што се сметало за пологично, појасно и подобро решение за луѓето што не препознавале бои. Утврдено е дека црвената светлина има нијанси на портокалова, а зелената малку сина за далтонистите подобро да ги препознаат.
Извор:
Punkufer.hr
Фото: Freepik