X
 22.07.2024 Живот

Зошто некои производители веќе не користат шипки за мерење на количината масло во автомобилите?

Еволуцијата на автомобилите на која секојдневно сме сведоци го крева нивото на квалитет, сигурност и многу други нешта на едно повисоко ниво. Но, имаме и ситуации кога поради желбата некои работи да се подобрат, се случува сосема спротивното. Во многу случаи се комплицираат и елементите кои секогаш биле едноставни и совршено функционални.

Јасен пример за тоа е шипката за мерење на количината на масло, нешто што многу производители го напуштаат. Сите сме го проверувале нивото на масло во моторот, а процесот е навистина едноставен - ја вадите шипката додека моторот е ладен и во мирување, ја бришете со чиста крпа и потоа ја враќате назад докрај, па одново ја вадите и го проверувате нивото на замастеност на шипката. Ако е меѓу двете црти, нивото на масло е во ред. Ако е под, треба да се дотури масло. Нема да верувате, ама ова за многумина е проблем, па многу производители решиле да го отстранат овој дел од моделите.

- Купувачот мора да го отвори капакот и тогаш ќе си ги извалка рацете. Тоа не е модерен начин на вршење на нештата - вели Мајкл Кросен од непрофитната организација „Консјумер рипортс“.

Со тоа се согласува и портпаролот на „Стелантис“, Дејл Џует.

- На денешниот потрошувач не му е приоритет рачната проверка на нивото на маслото. Со сензор тие информации ви се прикажуваат на секое палење на моторот. Ова е инженеринг ориентиран кон купувачот - вели тој.

Можеби има вистина во фактот дека повеќето нови возачи немаат интерес за механиката, но исто така мора да се признае дека тоа е последица на тоа што автомобилите сега се многу посложени отколку во минатото и дека производителите сè повеќе го отежнуваат пристапот до механичките компоненти при отворање на хаубата. Тоа, всушност, до некаде е намерно бидејќи немаат доверба во она што корисникот може да го направи.

Кросен истакнува дека производителите веќе не сакаат возачот, нивниот купувач, да гледа под хаубата, нешто што делумно доаѓа поради фактот дека сега многу автомобили се хибриди и имаат висок напон, па грижата за безбедноста е поголема.

Како и да е, резултатот е крај на монтирањето шипки за мерење на нивото на маслото и нивна замена со сензори и електрични системи кои оваа едноставна процедура ја прават сложена и скапа, поради што цената на автомобилите дополнително расте.

Извор: Jutarnji
Фото: Freepik
Подготвил: Билјана Спиркоска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот