X
 29.03.2019 Здравје

Седењето е еднакво опасно како и пушењето

Многу луѓе минуваат повеќе од девет часа дневно седејќи, и тоа не само на работа. Но, премногу седење може да го зголеми ризикот од разни болести и да предизвика смрт, а влијае и врз хормоните, метаболизмот и може да предизвика воспаленија.

Според најновите истражувања, повеќе од една третина од луѓето повеќе време поминуваат седејќи во текот на викендот отколку на работното место во текот на неделата, а слободното време често го минуваат гледајќи во екран, без разлика дали тоа е пред телевизор или пред компјутер.

Оваа навика не само што е лоша за грбот туку и го зголемува ризикот од многу сериозни болести.

Во Британија ваквиот начин на живот предизвикал 70.000 смртни случаи во 2016 година и првпат почнува да претставува трошок за националната здравствена служба - 700 милиони фунти годишно.

Седењето има независно влијание, па влијае врз однесувањето на хормоните, врз работата на метаболизмот и врз функцијата на мозокот, па дури и предизвикува воспаленија.

Истражувачите од Кралскиот универзитет во Белфаст и Универзитетот во Алстер заклучиле дека е потребно да се преземат мерки за намалување на времето поминато во седење со цел подобрување на здравјето на луѓето и намалување на финансиското оптоварување за службите на здравството.

Болестите што се поврзуваат со предолгото време поминато во седење, ако се изземе дебелината, се кардиоваскуларните заболувања, дијабетес тип 2, одредени облици на рак, како што е рак на белите дробови, и предвремена смрт од различни причини.

Исто така, седењето влијае врз мозокот, расположението на лицето, способностите за сознавање и врз памтењето, а го зголемува ризикот од деменција.

Дури ни оние што редовно вежбаат не се поштедени ако остатокот од денот го минуваат седејќи. Седењето има толку поразителни ефекти врз здравјето што лекарите овој начин на однесување го нарекуваат ново пушење.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Здравје