X
 29.03.2024 Здравје

Гледањето видео од природа може да има сличен ефект како и прошетката

Ако немате време за релаксирачка прошетка во природа, пробајте да гледате видео од природа.

Гледањето кратко видео од природа може значително да го подобри вашето ментално здравје, покажува ново истражување. Истражувачите се фокусирале на доцната адолесценција, период од животот кој се поврзува со значителни тешкотии во менталното здравје - вклучувајќи депресија и самоубиствени мисли.

- Адолесценцијата е време на повеќекратни транзиции и период на ранливост на менталното здравје - напишале авторите на студијата.

Студијата наведува дека околу 50 отсто од сите ментални нарушувања започнуваат во адолесценцијата, додека 75 отсто почнуваат до 24-тата година од животот.

За да тестираат дали видеата ќе имаат некаков ефект врз менталното здравје, истражувачите собрале 76 млади лица на возраст меѓу 18 и 25 години и по случаен избор ги поделиле во две групи. Едната група гледала видео на кое се гледа прошетка во природа, додека другата гледала сцена од патници во градски воз. Двете видеа траеле по шест минути и содржеле звуци поврзани со видеата.

Резултатите покажуваат дека нивото на стрес во групата што го гледала краткото видео за природата било значително подобрено во споредба со другата група. Покрај тоа, резултатите од намалувањето на стресот се долготрајни и се подобруваат со секоја следна сесија.

Сепак, истражувачите посочуваат дека краткото видео не може да се спореди со вистинско поминување време во природа.

Извор: Green
Насловна фотографија: Pixabay
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Здравје