Ноќта на Нова година еден човек избрал место покрај една од најтешко утврдените граници во светот, 400 метри од најблискиот вод со војници, и се искачил на 3-метарската ограда.
Почнале да трепкаат предупредувачките светла и се огласил алармот. Човекот побрзал по грубиот терен прекриен со снег водејќи се по заканата од нагазни мини останати од војната од минатиот век, а неговите движења биле во и надвор од погледот на термалните камери. До полноќ тој ја поминал демилитаризираната зона долга 4 километри и успеал да се врати дома.
Неколку часа подоцна, јужнокорејските војници, кои претходно вечерта мислеле дека станува збор за лажна тревога, сфатиле дека не ги виделе стапалките на човекот и неколку пердуви од неговата зимска јакна закачени на жицата од оградата.
Повеќе од 33.000 Севернокорејци ги ризикуваат своите животи за да ја напуштат својата угнетувачка татковина во последните децении, оставајќи ги зад себе осиромашената економија, стравот од политичките гулази и култот на личноста од третата генерација кој бара несомнена почит кон лидерот Ким Џонг-ун и неговите предци.
Новогодишниот бегалец, кој не е јавно идентификуван, стана еден од малкуте што се вратија во изолираната комунистичка држава по искусувањето на надворешниот свет.
Официјално, се знае дека околу 30 Севернокорејци се вратиле откако се преселиле на југот, според јужнокорејското разузнавање. Истражувачите и застапниците проценуваат дека реалната бројка е веројатно многу поголема, можеби стотици. Некои од оние што се враќаат стануваат пропагандни алатки за севернокорејската држава, појавувајќи се на видеа или прес-конференции со солзи и давајќи изјави за тоа колку жалат што си заминале. Неколкумина повторно се премислуваат бегајќи уште еднаш.
Електричните огради се користат во корејската демилитаризирана зона
Зад оградата има лента под која има нагазни мини
Фото:
Wikipedia
- Тешко е да се каже приближната бројка, но веројатно е многу поголема. Сигурно има такви што не се забележани од севернокорејските власти. Потврда добиваме само тогаш кога Северна Кореја ќе избере да ја објави - вели Баек Нам-сеол, професор на Корејскиот национален полициски универзитет, кој работел и истражувал севернокорејски бегалци.
Преминот на мажот поттикна бес во Јужна Кореја поради нарушувањата на граничната безбедност, особено по откривањето дека човекот преминал во Јужна Кореја во ноември 2020 година по истата маршрута, двапати избегнувајќи да го открие јужнокорејската војска. Меѓутоа, меѓу оние што работат со или го истражуваат преселувањето на Севернокорејците на југ, неговата одлука да се врати по едвај една година го означи најновото сведоштво за предизвиците со кои се соочуваат севернокорејските бегалци при приспособувањето на нивниот нов дом, нивната изолација и економските тешкотии кои ги надополнува пандемијата.
1 од 5 севернокорејски бегалци во Јужна Кореја изјавил дека размислувал да се врати назад, според истражувањето од 2021 година на непрофитниот Центар за бази на податоци за севернокорејски човекови права. Причината која најчесто се наведува е недостигот на родниот град или семејството. Некои рекоа дека доживеале дискриминација во Јужна Кореја или сметаат дека капиталистичкото општество е премногу конкурентно, според истражувањето.
Џо Сеонг-ха, кој ја напуштил Северна Кореја во 2002 година и работи како истакнат новинар во јужнокорејски весник, рече дека сè уште размислува за дома.
- Размислувам. Ако имаш семејство таму, како да не размислуваш? - вели тој. И покрај тоа, повеќето бегалци успеваат да се приспособат во земјата каде што избегале - вели Џо Сеонг.
Поглед од Јужна Кореја кон Северна Кореја во заедничката безбедносна област во Панмунџом
Парк Јанг-ја, научен соработник во Корејскиот институт за национално обединување, финансиран од јужнокорејската влада, рече дека на оние што немаат членови на семејството на југ им е потешко да се приспособат. Нивните постојани предизвици - дури и кога десетици илјади Севернокорејци живеат во Јужна Кореја со децении, се појавуваат на телевизија, се кандидираат за функции и започнуваат бизниси - сугерираат колку повеќе јужнокорејското општество треба да оди кон нивно прифаќање, вели таа.
- Тоа ги покажува границите на потенцијалот за интеграција меѓу Севернокорејците и Јужнокорејците. На крајот на денот, она што е потребно е интеграција на срцето - вели Парк.
И покрај тоа што двете Кореи делат заеднички јазик, храна и култура, во седумте децении по Корејската војна, животите на двете страни на границата се повеќе се разминуваа бидејќи Југот стана побогат, а Северна Кореја поизолирана. Покрај меѓународните економски санкции за нуклеарните и воените амбиции на Ким, Северна Кореја воведе строги ковид-ограничувања, продолжувајќи ја контролата врз луѓето и информациите во и надвор од земјата.
По краткото затоплување на односите во 2018 година, кога Ким се сретна со претседателот на Јужна Кореја и двете страни демонтираа некои стражарски места во демилитаризираната зона како знак на добра волја, Ким ги отфрли молбите и понудите за помош од јужнокорејската влада.
Таткото на Ким, Ким Џонг-ил, кој владеел 17 години, ги сметал бегалците за предавници. Но, не долго откако неговиот син ја презеде власта во 2011 година, Северна Кореја направи напори да ги намами бегалците да се вратат, нудејќи им амнестија и удобен живот во замена за информации за другите севернокорејски бегалци во Јужна Кореја, според истражувачите.
Јужнокорејски контролен пункт / Фото:
Wikipedia
Некои плаќаат „такси за лојалност“ на владејачката Работничка партија на Северна Кореја за да бидат аболицирани од бегството од земјата, што вообичаено се казнува како кривично дело со време во затворски логор или принудна работа.
Новогодишниот бегалец, кој имал околу 30 години и наводно им рекол на истражителите дека бил гимнастичар во Северна Кореја, работел како чувар и се борел да врзе крај со крај, според извештаите на локалните медиуми.
Џеон Су-ми, адвокат кој работи како застапник за севернокорејските бегалци, рече дека многумина се чувствуваат разочарани од индивидуализмот и капитализмот на Југот. Изборот на бегалците за доброволно враќање треба да биде можност за размислување во Јужна Кореја, рече таа.
- Колку беше подготвена Јужна Кореја вистински да ги пречека и прифати овие бегалци меѓу нас? Тие ги ризикуваа своите животи за да стигнат овде, а потоа ги ризикуваат своите животи уште еднаш за да заминат. Тоа треба да биде знак - вели Џеон Су-ми.
Извор:
Los Angeles Times
Фото:
Wikipedia